Германскиот канцелар овојпат нема да намине во фабриката за електрични автомобили во близина на Берлин. Шефот на Tesla, Илон Маск, исто така не покажува знаци дека има намера денес да дојде во посета во Гринхајде. Одбележувањето на првата годишнина на фабриката на Tesla во Европа ќе мине без присуство на јавни личности. Пред една година, на 22-ри март, првата фабрика на производителот на електрични автомобили во Европа беше отворена во присуство на канцеларот Олаф Шолц и на сојузниот министер за економија Роберт Хабек. Честа да го означи почетокот на работата на фабриката, секако дека му припадна лично на Илон Маск. Што се случуваше во изминатава година?
Во фабриката во којашто е директор Андре Тириг, поранешен менаџер во Ford, за една недела се произведуваат повеќе од 4.000 примероци од Model Y. Во јуни, неделната продукција уште се движеше околу илјада возила, во изведбата Peformance. Стандардната изведба се увезува од Шангај. По преправките во фабриката, продукцијата во октомври се искачи на 2.000 возила, а потоа за уште една илјада во текот на декември.
Првите произведени возила во Гринхајде имаат бројни недостатоци. Сопствениците се жалеа на друштвените мрежи за големите зјаеви во каросеријата и за тешкото отворање на багажникот. Тие пропусти во меѓувреме се надминати. Од октомври се користи и современа лакирница. До тогаш, возилата се произведуваа само во црна, бела или сина боја. Денес може да се нарачаат црвена или сребрена боја. Model Y во овие бои излегува само од Гринхајде.
Планот е во фабриката да работат 12.000 лица во блиска иднина. Денес германската фабрика вработува 10.000 лица. Тоа прави Tesla да биде најголем приватен работодавец во германската сојузна покраина Бранденбург. Секоја недела се вработуваат нови 300 работници. Агенциите јавуваат дека има проблем да се најдат работници. Се бараат лица за одржувањето на објектите, електричари, машинобравари, раководители на смена и мајстори.
Но, не се сите задоволни. Лани се јавуваше за лоши работни услови во фабриката и за разочараност меѓу работниците. Немирот настана откако Tesla објави оглас за вработување на лице што ќе има должност да открие постоење на евентуален заговор и оддавање тајни.
#GigaBerlinBrandenburg
Some facts about the 1 year anniversary of the start of production of the GigaBerlin:
Investment approx. 4 billion €.
Currently approx. 10,000 employees.
approx. 500 robots in the factory.
4000 #ModelY per week.
Next expansion stages already in planning. pic.twitter.com/CB3MUDI9P8— Gigafactory Berlin-Brandenburg (@Gf4Tesla) March 21, 2023
Во германската фабрика доаѓаше и до вонредни ситуации, главно поради непочитување на прописите. На повеќе места во кругот на фабриката бил одложуван отпад без одобрение. Тоа беше откриено кога во септември избувна голем пожар – на место на коешто всушност е дозволено да се одложува отпад. Пожарот настанал при дробењето на отпадниот материјал. Во април од лакирницата истече течност што можеше да ги загрози површинските води. Жителите и активистите за животната средина беа бесни.
Tesla планира да ја прошири фабриката. За таа цел ќе се изврши сеча на шума на површина од 70 хектари. Во моментов се работи на проширување на одделението за пресување. За годинава се планира во Берлин да се произведат повеќе од 250.000 возила. Планот е продукцијата во блиска иднина да се искачи на барем еден милион возила. До властите во Бранденбург веќе е испратено барање за проширување на фабриката со нови објекти. Фабриката за батерии испорачува само за локалното производство, затоа што целото внимание на компанијата е насочено кон САД, каде што производителите добиваат масивни субвенции од државата. Планот е компанијата на годишно ниво да произведува 1,8 милион возила во сите фабрики ширум светот.