за

Tesla доцни со испораките на новиот кросовер Model X

Во последните три месеци, калифорнискиот електроспецијалист Tesla произведе 500 примероци од новиот Model X, но половината од нив не успеа да ги испорача.

Производителот на електрични автомобили Tesla Motors во последниот квартал испорача само 208 примероци од новиот кросовер Model X. Неделната продукција се зголеми на 238 возила дури пред крајот на годината и Tesla успеа да произведе 500 примероци, но повеќе од половината од нив уште не им се испорачани на купувачите.

Model X беше претставен во почетокот на 2012 година и првично требаше да стартува со продажба во 2014 година. Поради технички потешкотии, првите испораки задоцнија и купувачите ги добија своите возила дури во минатата есен. Луксузната лимузина Model S, којашто долго време беше единствен модел во понудата на специјалистот за електричен погон, останува и натаму носечки столб во бизнисот на калифорниската фирма. Со 17.200 испорачани примероци од Model S во последниот квартал од минатата година, Tesla успеа да ја исполни поставената годишна цел за продажба на над 50.000 возила.

Фирмата што е финансирана од мултимилијардерот Илон Маск привлекува особено внимание со своите модели кои чинат најмалку 70.000 долари, иако нејзината големина е незначителна во споредба со гигантите во браншата. Следниот значаен чекор од калифорнискиот специјалист за електричен погон ќе биде претставување на поевтин модел со електричен погон, кој ќе постигне многу поголеми бројки во продажбата од Model S или од Model X. Дотогаш остануваат уште две години. Во меѓувреме, Tesla продолжува да работи со загуба, а во тек е и изградба на гигантска фабрика за батерии, која ќе предизвика ценовна револуција во ова значајно подрачје за електричните автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Audi A6 ќе го комплетира германското премум трио во 2017

Pagani подготвува хардкор-изведба на Huayra со 800 КС