Еден од главните менаџери во производството на Audi во иднина ќе работи за Tesla. Петер Хохолдингер ќе му овозможи на електро-специјалистот да ги реализира амбициозните планови.
Специјалистот за електричен погон, калифорниската Tesla, мора во најкус рок да го зголеми производството и да го подобри квалитетот на своите возила. За таа цел, Tesla ангажираше искусен менаџер од Audi. Петер Хохолдингер, кој досега беше задолжен за производството на моделите A4, A5 и Q5, во иднина ќе работи за Tesla.
Пионерот на електричниот погон предизвика огромен интерес на пазарот за новиот Model 3 и ќе мора да го зголеми производството во многу покус рок отколку што беше планирано претходно. Tesla планира да достигне продукција од еден милион возила со електричен погон во 2020 година. Според досегашните планови, за крајот на деценијата беше предвидено да се достигне продукција од половина милион возила. Оваа цел сега е поместена две години порано, за 2018 година.
Со цена од 35.000 долари, за новиот Model 3 пристигнаа 400.000 нарачки во рок од само неколку недели. Model 3 е за точно половина поевтин од досегашниот најдостапен модел на Tesla и ќе стартува со испорака кон крајот на следната година. Лани Tesla произведе околу 50.000 возила со електричен погон.
Хохолдингер, кој за Audi работеше подолго од две децении, во иднина ќе биде задолжен за зголемување и подобрување на продукцијата на постоечките Model S и Model X, а особено за организирањето на производството за Model 3.
















