за

Сузуки според издржливоста е меѓу премиум марките

Сузуки е една од најмалку загадочните автомобилски марки. Човек тука знае што купува. Германски ТУВ дури ѝ признава шампионска издржливост.

Една година не е малку во услови на рентакар. Овој Сузуки С-Крос со хибриден погон уште изгледа како штотуку да излегол од салон.

Мерцедес и Ауди се премиум марки, не поради тоа што имаат посилни мотори или повеќе им сјае знакот, туку главно поради издржливоста. Да не се докажуваа во тој поглед, ништо од нивниот премиум. Тоа што за нивните модели се доплаќа повеќе, се враќа низ годините. Една марка го нуди тоа по стандардна цена. Сузуки.

Човек што сака да се осигури во својот избор на нов автомобил, па и не мора да биде нов, прво погледнува во статистиките на дефекти. Германски ТУВ има долга историја на следење на издржливоста на автомобилите. Во нивниот годишен извештај, во ТУВ Репорт, се покажува вистински, дали некој модел на автомобил почнува да се расипува веднаш штом се извади од салон, или можеби упорно одбива да ги признае годините и километрите.

Во најмалку извозената категорија, на возила стари од 2 до 3 години, што имаат поминато меѓу 30 и 50 илјади километри, Сузуки се наоѓа во избрано друштво во поглед на издржливоста, заедно со Ауди, Мерцедес, Мицубиши, Тојота. Техничарите на ТУВ, при редовниот технички преглед што му претходи на регистрирањето, кај актуелната Витара утврдиле поголеми неисправности кај само 3,3 проценти од примероците од тој модел. На секои сто возила, строгите германски контролори откриле неисправности кај само три возила. Тоа може да бидат и навидум банални дефекти, како прегорена светилка, погрешно насочено светло или поголем зјај во сферичните зглобови, во споните.

Тесла Модел 3 се расипува петпати почесто отколку Сузуки Витара

Премногу се 3,3 проценти? За споредба, просекот на дефекти кај сите возила од оваа старосна категорија, изнесува 5,7 проценти. Сузуки Витара спаѓа во категоријата возила со најмалку дефекти, односно во групата што во извештајот на ТУВ е обележана со темнозелена боја. Најлоша е Тесла Модел 3. Кај американската електрична лимузина, дури 14,7 проценти од возилата стари 2 до 3 години имаат сериозен дефект, односно неисправност што влијае врз безбедноста.

Издржливоста на јапонската марка се потврдува со тоа што четири места подолу следи уште еден модел на Сузуки. Со истата техника како Витара, на 14-то место на најмалку расипливи автомобили се наоѓа С-Крос, со 3,6 проценти дефекти. Модели на Сузуки од градската и компакт класата им парираат на луксузни лимузини и СУВ од премиум марки.

Извадок од извештајот на ТУВ за 2024 година, возила стари 2 до 3 години

Во категоријата на возила што пак се над просекот во поглед на издржливоста, во групата возила во светло зелена боја, пак се појавува модел на Сузуки. Свифт издржува исто колку Мерцедес Е-Класа стара две до три години.

Ако тоа уште изгледа како „смешна“ старост, истиот тој Сузуки Свифт во следната категорија на старост, на возила што се во промет четири до пет години, дури преоѓа во една група погоре, кај возилата што предничат со отпорноста на дефекти. Со просечно 47.000 поминати километри, на секои сто примероци од овој модел, неисправност има во просек кај 5,7 возила. Во оваа категорија, Свифт дружи со Голф Спортсван (4,2% дефекти), Ауди А6 (4,7%), Мерцедес ГЛЦ (5,6%).

Марката е како гаранција за издржливост. Веднаш по Свифт следи Ес-Икс-4, претходничката на денешниот С-Крос. Процентот на дефекти е ист кај двете моделски серии, иако поголемиот модел има и поминато повеќе, со просечно 54 илјади километри. Сузуки Витара? И таа не пропушта одличен пласман, со шест проценти дефекти кај возилата што изминале во просек по 53.000 километри.

Станува сериозно во следната категорија на старост, возила стари шест до седум години: Сузуки Ес-Икс-4 е заедно со Мазда Це-Икс-3, Ауди ТТ, ФВ Голф Спортсван

Вистинската потврда доаѓа во третата категорија на старост. Тука почнуваат да е наѕираат шампионите. Со 79.000 поминати километри во просек, Ес-Икс-4 покажува неисправност кај просечно 7,7 возила на секои сто возила од овој модел. Техниката се докажува и кај Витара, што следи само две места подолу, со 8,0% дефекти и 83.000 километри во просек. Триото се влече низ годините: Свифт ја заокружува тројката на 45-то место, сé уште во зелената зона.

Интересна појава на дното на оваа категорија на старост е еден модел што не се очекуваше тука: Серијата 5 на БМВ, според извештајот на ТУВ, со поминати 134.000 километри во просек, покажува дефекти кај 24,8 проценти од возилата. Со овој резултат, баварската марка е покрај Дачиа Докер, Дастер и Логан.

Ако и шест или седум години досега изгледаа како премалку да се суди дали некој модел е повеќе на страната на издржливите или расипливите автомобили, Сузуки Ес-Икс-4 во категоријата на возила од 8 до 9 години, се наоѓа на второто место, веднаш по Мерцедес Б-Класа. Во тој период, Сузуки веќе има поминато 96.000 километри во просек и има дефекти кај помалку од единаесет проценти од возилата. На дното пак е Дачиа, каде што една третина од возилата имаат дефекти.

Какви се впечатоците од една година стар С-Крос што е во служба кај рентакар компанијата Ентерпрајз

Секако дека и Свифт не отсуствува на врвот, со 14,5% дефекти и поминати 91.000 километри во просек. Градскиот модел продолжува да се докажува низ годините. Кај возила стари десет до 11 години, Свифт е во светло зелената зона, заедно со Тојота Јарис или Ауди А4, со 107 илјади километри и 21,6% дефекти – за споредба, просекот во оваа категорија е 23,8 проценти.

Ес-Икс-4, претходничката на денешниот С-Крос, со постоојаноста низ сите претходно наведени категории на старост, се избори за титулата на шампион во издржливоста во моделската понуда на Сузуки. Но, што на овој модел му забележуваат техничарите на ТУВ?

За технички пропусти не може да стане збор

Произведувана од 2013 до 2021 година, Сузуки Ес-Икс-4 добива критика главно за едноставните материјали и за завршната изработка – тоа се забелешки од уредниците на германскиот магазин Ауто Билд, што го подготвува извештајот заедно со ТУВ. Нив им пречеле и звуците од ветрот, а не им се допаѓало и тоа што системот старт-стоп работел нехармонично. Затоа, пак, компактниот кросовер на Сузуки со 1,6-литарски дизел, на супертестот на 100.000 км во Ауто Билд мина беспрекорно, со оцена 1-. Производителот издал само еден сервисен повик, во 2016 година, за проверка на завртките на задната оска.

Оцени на експертите на ТУВ и Ауто Билд за Сузуки Ес-Икс-4 (2013 – 2021) по категории

ПОДВОЗЈЕ

… топчестите зглобови (споните) покажуваат чувствителност само кај возилата стари седум години. Погонските оски се топ.

СВЕТЛА

… постариот модел е во просекот… задните светла прегоруваат почесто од просекот, собореното светло поретко… поради собореното светло, поновиот модел е почувствителен од просекот.

СОПИРАЧКИ

… во сите годишта, тој е подобар или барем ист со просекот.

ЖИВОТНА СРЕДИНА

Протекувањето масло е тема кај двете генерации. Ес-Икс-4 поминува на мерењето на издувни гасови без проблем, издувниот систем исто така се покажува поиздржлив од просекот.

ЗАКЛУЧОКОТ НА ГЕРМАНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ

Резултатите на малечкиот јапонски СУВ заслужуваат внимание. Поновиот модел почесто од просекот го минува техничкиот преглед без проблеми и победник е во класата на возила стари 2 до 3 години. Сузуки го стави проблемот со чувствителните сопирачки под контрола кај новиот модел. Тоа што останува се чувствителните светла. Кај постариот модел треба да се внимава само на сопирачките и на подвозјето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Планот беше Пежо 305 да биде рели-ѕвезда, но се замени со 205 Турбо 16

Џенерал Моторс се враќа во Европа со електричен Кадилак