за

Suzuki постигна рекордно октомвриско производство

Suzuki во октомври произвел за близу една третина повеќе возила отколку во истиот месец лани. Јапонската марка има нов октомвриски рекорд.

Suzuki Swift се докажува како оригинален модел во класата

Исто како што европските премиум марки го имаат кинескиот пазар за да надоместат во овие исклучителни времиња, така Suzuki добива голем поттик од индискиот пазар. Во светскиот ланец на марката од Хамамацу во октомври биле произведени повеќе од 300.000 возила.

Хамамацу ги објави бројките за октомври. Фабриките на Suzuki ширум светот во десеттиот месец од годината произвеле вкупно 304.196 возила. Тоа е за близу една третина повеќе (+27,1%) отколку во ланскиот октомври и воедно е нов рекорден број на произведени возила на Suzuki во овој месец.

Околу една третина од вкупната продукција доаѓа од домашните фабрики. Тоа се 91.760 возила или за 11,3% повеќе од ланскиот октомври. Swift, патем, во актуелната генерација пристига во европските салони директно од Јапонија. Најголемиот дел од продукцијата во меѓувреме се постигнува во индиските фабрики, од кадешто се сервираат големите азиски пазари. Во Индија во октомври биле произведени 182.475 возила – скокот е сензационален во корона-криза и изнесува дури 52,9 проценти. На останатите фабрики на Suzuki и партнерите отпаѓаат 29.961 возила.

Јапонските фабрики на Suzuki петти месец произведуваат повеќе во споредба со лани

Трендот на продажбата на Suzuki веќе покажува јасна линија угоре: Глобалната продукција расте трет месец во низа, јапонската продукција го има петтиот месец во континуитет во плус, додека странските фабрики се втор месец во плус.

Продукцијата во светски рамки, од јануари до октомври, сепак е намалена и изнесува 2.033.385 возила, односно е околу една петина под истиот период лани. Причината за тоа секако дека е корона-кризата. Големиот скок во продажбата во последните три месеци сепак навестува дека Suzuki ќе надомести голем дел од минусот во времето на екот на пандемијата. Јапонските фабрики практично го преживеаја првиот голем удар врз бизнисот без каква било штета. Продукцијата во јапонските фабрики е на 96,2% од ланскиот резултат, со 747.828 возила.

Suzuki Across

Октомвриската продажба за марката со суперменовското S исто е во плус во сите регистри: Глобалниот пазар регистрирал 277.064 нови возила Suzuki (+11,3%), од кои 53.327 возила се во Јапонија (+7,9%), 166.825 во Индија (+17,9%) и 56.912 возила се во Европа.

Suzuki за дузина возила го пропушти третото место на најпродавани марки во Јапонија

Одличниот биланс го заокружуваат бројките за извозот. Од фабриките на Suzuki во октомври биле извезени 19.035 возила или за 38,9% повеќе од истиот месец лани. За десет месеци, извозот вкупно бележи 151.600 возила или за 7,6% повеќе од истиот период во 2019 година.

Suzuki со 53.327 возила е четврта најпродавана марка во Јапонија во октомври, по Toyota (140.453 возила), Daihatsu (59.950) и Honda со 53.354 возила, а пред Nissan, Mazda, Subaru и Mitsubishi. Интересно е тоа што Mercedes е најпродавана странска марка во Јапонија со 4.468 возила во десеттиот месец од годината. Најпродаван модел на домашниот пазар бил Spazia, со 12.245 примероци.

>>> Suzuki Swift со шампионски сооднос цена-потрошувачка

suzuki swift hibrid скопје салон

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi ќе вози на Рели Дакар

Audi ќе вози на Рели Дакар

Mercedes Premium Used Mak Autostar премиум користени возила Мак Аутостар

Мак Аутостар прави и продажбата на користени да биде премиум