за

Како почнавме да возиме автомобили како гастарбајтери на летен одмор

половни автомобили субвенции
половни автомобили субвенции

Кусо траеја надежите дека во државава ќе се воспостават нормални регулативи околу купувањето и експлоатацијата на автомобилите. Во време кога Европа масовно го напушта дизелот, па дури и го санкционира, а хибридните и електричните автомобили веќе постигнуваат удел од најмалку десетина проценти на главните автомобилски пазари, во земјава повторно се посилни дилентантизмот, игнорантноста за влијанието на човекот врз климатските примени, и веројатно пресудниот фактор, поривот на слабиот да компензира преку голем автомобил. Најново: Субвенции ќе се исплаќаат и за увоз на користени автомобили.

Македонија суверено ја зајакнува својата улога како собиралиште на автомобилскиот отпад од Европа. Медиумската сцена долго време молчи околу катастрофата, што неконтролираниот увоз на користени автомобили го предизвика на сите полиња, почнувајќи од нивното кобно влијание врз животната средина, а со тоа и директно врз човечкото здравје, до безбедноста, до квалитетот на живот во урбаните средини, па на крај, и до пореметените животни вредности.

Увозот на старите автомобили, кои Европа веќе со децении ги отфрлува поради загадувањето на животната средина и буквално по илегален пат ги спроведува до маргините на Унијата, во Македонија долго време се привилегираат, со оправдување дека е ослабната куповната моќ на народот и дека тоа е единствениот начин да се обезбеди превозно средство, коешто е неопходност во денешницата.

Во име на заштитата на животната средина и на уставното право за чист воздух за секој граѓанин, еколошки совесните субјекти и институции мораат конечно да побараат да се избистри лагата околу „евтиниот“ увоз; Тоа што масовно се носи од европските и бугарските плацеви, ниту има основ да се третира како возило за обезбедување на нормална потреба од превоз, а уште помалку ги задоволува актуелните норми за издувни гасови

Нечистите автомобили на Германците, Швајцарците, Италијанците, Холанѓаните и други европски народи, кои ја признаа штетноста на старите генерации автомобили врз животната средина, нашата извитоперена автомобилска свест ги прифаќа со одушевување и им обезбедува статус на бела мечка. Тешки морални и етички девијации ќе му се припишат на секој што ќе се побуни за увозот на загадувачите, кога народот нема пари да купи нов автомобил – или барем малку понов и почист автомобил од тоа што важи како увозен стандард во земјава.

Секому е јасно, дека тоа што однадвор прикажува полирана каросерија и малку поткршен фар, однатре ослободува токсичност, поради којашто никој разумен денес не помислува да паркира во подземна гаража, чијшто воздух е директно и ексклузивно загаден од автомобилите. Но, секогаш кога ќе се спомне стариот увоз, следи ултимативната одбрана – народот нема пари. А, воздухот е загаден секаде: Дома, на улица, на работа, под Шара и под Пелистер.

Вршителите на државно одговорни функции и нивната поширока работна околина, кои добиваат задача да решаваат во подрачјето на автомобилизмот, мора да разберат дека познавањето на автомобилската проблематика не спаѓа во основна култура и не е вештина којашто се совладува на фејсбук

Постои дискрепанца меѓу оправдувањата на дежурните форумџии и фејсбукџии, коишто со беспрекорна експертиза ги покриваат сите подрачја на компетентност, од пресадување срце до лет во вселената, и тоа што секој разумен ќе го забележи на улица. Каде се евтините автомобили што народот ги увезува, заради покривање на основната потреба за индивидуална мобилност?

Реалното согледување на уличната слика детектира премиум марки и престижни лимузини и теренци, чиишто возачи се уверени дека го имаат сето право да јурат со темпо двеста низ град, доколку не им пречеа семафорите, пешаците и главнината од живиот свет. На тоа следи и крвничко трубење пред секоја крстосница и пред секој пешачки премин, доколку некој се обиде да се вклучи на улицата што им припаѓа на евтино скапите увозни автомобили. Евтини автомобили рековме? Народот порано користеше поим „изживување“? Психолозите се повикуваат на фрустрациска манифестација.

Нормите се изместени до таа мера, што секаква упатена критика, прво се филтрира и се перцепира како „ете ги, ми љумоборат…“ Во времето кога во Македонија се постигнуваше највисок увоз на нови и еколошко погодни возила, од близу 20.000 возила во 2008 година, возниот парк го сочинуваа малечки градски автомобили од „народски“ марки. Каква е таа логика, под велот на лошиот животен стандард, сега по улиците да јурат бемвиња, аудија, ровери?

Изворот на целото ова попаланчување на возниот парк и на улиците, се наоѓа многу едноставно. Повеќе држави во Европа, пред крајот на минатата декада воведоа субвенции за замена на старите и нечисти автомобили со нови. Старите автомобили првично требаше да завршат во топилниците за старо железо, меѓутоа итрите „унијаши“ најдоа подобро решение. Место да ги претопуваат старите возила и да испуштаат милиони тони СО2, за што меѓу другото треба да се обезбедат права и да се платат соодветни такси во вкупна висина од стотици милиони евра, тие се сетија да ги испратат возилата по „тајни“ канали до Бугарија, Романија, Украина и други држави со нерегулирани еколошки рамки околу експлоатацијата на возила.

Моќни политички структури во ЕУ успеаја да ги „продадат“ автомобилите, што инаку не смееше да се вратат на пазарот. Стотици илјади стари автомобили завршија во регионов, подалеку од европското јадро. Дополнително, Европа се заштити од натамошна експлоатацијата на нечистите возила на својата територија, воведувајќи високи давачки при нивната регистрација. Локалните политичари не успеаја да искористат, туку само беше искористена нивната наивност и одушевеност што ќе имаат евтини, а скапи автомобили за својот народ.

Големите автомобили од големи марки коишто ги привлекуваат нашите возачи по плацевите за користени возила низ Европа, имаат ниска цена, затоа што таму е скапо нивното регистрирање и воопшто експлоатирање; Македонија нема заштитни мерки за големите и моќни модели со висока емисија на штетни материи, затоа кај нас непречено се натрупува тоа што за Европејците е отпад

За „Рејнџровери“ и „икс-шестки“ со тешки дизели, произведени пред десетина години, треба да се плаќа и по неколку илјади евра при редовната годишна регистрација во Германија, Холандија, Франција и други земји. Интересот за купување на овие возила опадна, а тоа предивика и неколкукратно намалување на нивната вредност по плацевите за користени автомобили. Германците, Холанѓаните и Французите не се интересираат за овие возила, но затоа ни се одлично погодени нам.

Коренот на десетгодишната автомобилска катастрофа во Македонија е во периодот, кога на југозападот од земјава почнаа масовно да се возат евтините скапи автомобили од бугарските плацеви со користени автомобили – истите оние што беа „депортирани“ од европското јадро – со бугарски таблици. Се регистрираа фирми во Бугарија, се користеше и државјанство, само за да се седне во „хитовските“ автомобили.

Сé почна со педесетте илјади користени возила со бугарски регистерски таблици, по што паднаа сите еколошки норми; Тоа воедно се поклопува и со почетокот на енормното загадување на целата територија на државата; Во 2008 година, според СЗО имало просечно 70 микрограми честички ПМ10 на метар кубен во Скопје – вредност што оттогаш се надминува неколкукратно

Државата мака мачеше како да се справи со педесетте илјади „половњаци“ на бугарски таблици. На крај, паднаа сите норми, неколку години во државава можеше слободно да се увезе и автомобил без евронорма. „Евтините“ автомобили беа мерцедеси, алфи, бемвиња, по некој јагуар, а честопати и рејнџровер или порше на плин.

Оттогаш, ништо се нема сменето во поглед на евентуалното воведување еколошки норми, со коишто ќе се стави контрола врз емисијата на штетни материи од сменетиот и дополнително застарен возен парк. Апсолутно ништо не менува тоа што во актите фигурира Еуро 4. Автомобили со толку слаб квалитет на издувни гасови не постојат на евтопските плацеви за користени автомобили. Сé е тука.

Властите деновиве објавуваат соопштенија околу измените за законот на возила. Во редакцијата на Аутомедиа уште не успеавме да ја коментираме ефективноста и воопшто целта на измените, кога пристигна и нова вест: Субвенции ќе се исплаќаат и за увоз на користени возила!

Нестручно, неодговорно и несериозно е, на само неколку месеци пред почетокот на следната сезона на загадување, да се воведе мерка со којашто само дополнително ќе се интензивира загадувањето. На официјално ниво, уште се користат заклучоците во таканаречената финска студија, според којашто уделот на автомобилите и вооошто моторните возила во загаденоста на воздухот, речиси е незначителен во споредба со емисијата од греењето. Студијата се злоупотребува како параван за непостапување по тој поглед. Таа се базира врз претходно подготвени и нереални параметри, коишто само им се послужени на финските експерти, за тие уредно и професионално да ја спроведат својата студија.

Секаде во Европа важи дека автомобилите се главните загадувачи, единствено кај нас се посочува оџакот на соседот, кој чурел исто и пред три или четири децении и со истото „гориво“.

Прашањето што треба да се постави: Кој профитира од лажното прикажување на ситуацијата околу загадувањето, во време кога загаденоста постојано расте од година во година? Изработувачи на студии, еко-организации, набавувачи на мерна опрема, градски власти?

Моментно Европа има проблем со возилата со Еуро 5 норма, кои законите уште не ги санкционираат. Познавачите на сцената се свесни за основата на проблемот. Станува збор за фамозната дизел-афера, којашто зафати повеќе производители. Познавачите се свесни и дека дизел-аферата е само еден мал дел од картелското здружување на неколку производители на автомобили.

Тие уште пред дваесетина години се имале договорено, во возилата да се вградуваат одредени помали и поевтини компоненти во системот за пречистување на издувните гасови. Заштедата достигна милијарди евра. Отсуството на фактично пречистување, беше компензирано преку „софтверски измами“, преку активирање посебен работен режим при мерењето на емисијата на штетни материи на пробни валци, па и преку таканаречен „термо-прозорец“, кој обезбедуваше правна рамка за манипулацијата.

Овие возила со Еуро 5 норма, сега треба да пристигнат добредојдени во Македонија. Властите ќе исплаќаат субвенции за увоз на користени автомобили. Тука ќе завршиме со прашање: Зошто Тетово, Гостивар, Скопје, Куманово, Битола, Струмица и други, станаа градови со енормна загаденост на воздухот во исто време кога почна масовниот увоз на користени автомобили?

Се извинуваме до нашите читатели што не користевме илустрации во текстот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

2 коментари

Одговори
  1. Во Гостивар изминатите денови има рекордно загадување на воздухот кое достигнува над 300 пм10…од кое греење е сега???! Се е од автомобилите

  2. Браво Дарко!
    Во текстот (можеби и подобро, од “здравствени” причини …) не си го опфатил моментот на мафијата која се бави со прометот на користени возила.
    По некои проценки споредлива, но не помалку опасна и подмолна, од онаа со дрога, оружје, проституција итн, зошто се работи за слични бројки во пари и профит.
    Тоа е одговорот на чудењето како толку брзо на субвенциите за нови се надоврза и за стари, јако е лобито во државните и политичките структури – реагираат инстантно. Имаат капитал и можности за корупција, и со користени возила де.
    Увозот на користени возила е крајно криминализиран и покриен со законски и подзаконски акти и таканаречени пракси, при царинење, закон за акцизи, техн.преглед, полициски контроли и друго.
    Да скратам, државата (политичарите, мафијата, фрустрираните, лошите ученици, мрзите, …) организирано го ограбуваат, трујат и убиваат целокупното население, а некои и самите себе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes evi fon roskvist

Бароницата што победи со големиот Mercedes слави 90-ти роденден

Корозија или болеста што автомобилите одамна ја надминаа

Корозија или болеста што автомобилите одамна ја надминаа