Катна гаража со предвидени 1.000 места за паркирање, во Хагастаден, дел од Стокхолм во којшто се гради според напреден урбанистички концепт, располага со полначи на сите места во гаражата. Полнењето струја е бесплатно.
Градоначалникот на Стокхолм, Даниел Хелден, со голема помпа ја пушти во работа катната гаража во Хагастаден. Тој ја нагласи важноста од ширењето на мрежата од полначи, за сопствениците на електрични автомобили да можат лесно да најдат слободен полнач. Целта е секое место за паркирање што го нуди Градот да располага со електричен полнач.
Стокхолм Паркинг моментно располага со осум катни гаражи што целосно се покриени со полначи, а до крајот на годината ќе бидат целосно опремени уште девет гаражи, исто така со електричен полнач достапен на секое место за паркирање. Градоначалникот Хелден: „Електричните автомобили денес се највообичаен избор кога се купува нов автомобил. За тоа да продолжи непречено, мора да се обезбеди широка мрежа од електрични полначи.“
Изградбата на катната гаража во Хагастаден траеше осум години. Истата располага со 1.000 места за паркирање, коишто ќе им стојат на располагање на станарите во 3.000 домови во ова подрачје на Стокхолм, во коешто се гради масовно, според најнапредни урбанистички начела. Во гаражата може да се изнајми автомобил на краткотрајно користење, а има и паркинг за велосипеди. Компанијата располага со 40 објекти, што нудат најмалку три дополнителни услуги на мобилност, покрај паркирањето автомобил. Стокхолм Паркинг досега има поставено над 5.000 електрични полначи.
Во гаражата се пристапува преку три улици. Причината за масивната градба е во тоа што објектите во Хагастаден не можат да користат подземни гаражи, затоа што во просторот под градот се работи на систем од тунели, односно тоа се практично подземни автопатишта.
Под Хагастаден минува системот од тунели низ коишто ќе се одвива сообраќајот
Една третина од трошоците за изградбата на катната гаража покриваат инвеститорите, коишто практично купуваат простор за паркирање. Проектот е вреден околу 700 милиони шведски круни, односно околу 67 милиони евра. На покривот ќе биде изграден парк.
Користењето на полначите е бесплатно, односно вклучено е во цената за паркирање. Во гаражата секако може да се пристапи и со автомобил со обичен погон.
Цените за паркирање:
– Цена по час 08-18: 50 круни (околу 290 денари)
– Вечерно паркирање, 18-24: 50 круни до 24 часот
– Ноќно паркирање, 00-08: 50 круни до 08 часот
– Еднодневно паркирање: 250 круни за 24 часа (околу 1.450 денари)
Tata ја купува фабриката на Ford во Индија, ќе произведува електрични автомобили