Концернот на Пежо и Фиат купи акции во кинески производител на возила

Концернот со француски, италијански, германски и американски марки вложува 1,5 милијарда евра во новата надеж за поголем пробив на кинескиот пазар.

Почеток на заедничката иднина: Извршниот директор на Стелантис, Португалецот Карлос Тавареш и неговиот колега од Липмотор, Жу Џианминг, планираат заеднички да произведуваат електрични автомобили во Кина, но и истите да ги продаваат во Европа и во останатите региони ширум светот.

По неколку промашувања во Кина во изминатите години, Стелантис се впушти во нов старт во земјата, со нов партнер. Концернот со 14-те марки учествува со 21 проценти во акциите на кинескиот производител на автомобили Липмотор и за тоа вложи 1,5 милијарда евра.

„Ние не бевме посебно успешни во Кина, и затоа претпочитаме да се потпреме на кинески партнер. За да победиш во Кина, подобро е да победиш со кинеска компанија“, кажа шефот на Стелантис, Карлос Тавареш, на конференцијата за печат во источнокинескиот град Хангџоу. „Ова е брзински натпревар. Можеме да помогнеме да се зголеми брзината“, додава Тавареш.

Двете компании сакаат дополнително да отпочнат и заеднички проект, со седиште во европската централа на Стелантис во Амстердам. Во новата заедничка компанија, Стелантис ќе учествува со 51 проценти од акциите.

Целта на оваа заедничка компанија ќе биде извоз и производство на возилата на Липмотор надвор од Кина. На тој начин, Стелантис ќе стане своевиден генерален увозник за Липмотор, а воедно ќе го дополни своето портфолио од електрични возила со модели од Липмотор, коишто засега не се откриваат.

Заедничкиот потфат ќе стане оперативен уште пред да започнат заедничките активности во Кина. Планот е продажбата на Липмотор во Европа да стартува во втората половина од 2024 година.

Престанок на соработката со ГАЦ

Со изборот на Липмотор, првиот човек на Стелантис, Карлос Тавареш, конечно се откажува од натамошна соработка со кинескиот производител на автомобили Гуангџоу Аутомобил Груп (ГАЦ).

Стелантис во моментов уште произведува модели на Џип во Кина, во соработка со ГАЦ. Во 2022 година, Тавареш најави крај за овој заеднички потфат, разочаран од слабиот успех на Џип во Кина.

За новиот почеток со Липмотор, Тавареш изјави пред медиумите, дека за активностите на Стелантис во Кина е подобро, ако со нив раководи кинеска компанија. „Во претходните партнерства, Стелантис не беше поттикнувач на развојот на кинеските марки во странство. Ако ние го развиваме Липмотор на извозните пазари, тогаш Липмотор ќе стане поконкурентен на кинескиот пазар.“

Стелантис досега немаше поголем успех во Кина

Кина остана единственото разочарување на Стелантис досега. Вклучувајќи ги заедничките проекти, Стелантис во регионот на Азија и Пацификот, заедно со Кина и Индија, во првото полугодие од 2023 испорача само 90.000 возила. Наспроти тоа, концернот Фолксваген во истиот период само во Кина продаде 1,45 милион возила.

Фолксваген и покрај тоа во јули склучи далекусежно партнерство со кинескиот производител на електрични автомобили Експенг.

Го следите нашиот видео канал на YouTube?

Претходна објаваХонда и Џенерал Моторс се откажаа од електричен автомобил со цена под 30.000 долари
Следна објаваВо Словенија за еден месец се продаваат автомобили колку во Македонија за девет месеци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here