Во Словенија за еден месец се продаваат автомобили колку во Македонија за девет месеци

Разликата во продажбата на автомобили со словенечкиот пазар во подобрите времиња, до пред деценија и пол, се движеше во сооднос три спрема еден. Во меѓувреме, овдешниот пазар заостанува деветпати, а веројатно и десетпати, зад земјата што уште во дамнешни времиња умееше македонските јаболки да ги претвори во сок.

Продажбата на автомобили во земјава, порано уште не беше бесмислено, ако не и засрамувачки, да се споредува со пазарите во Словенија или Хрватска. Но, откако нов автомобил стана луксузен Ауди со шестцилиндарски дизел од раните 2000-ти од бугарските препродавачи, место Пунто и Поло што се свежо изнесени од салон, одамна не се случило да се направи споредбата.

Во Словенија во септември биле регистрирани 4.051 нови патнички автомобили. Патем, и статистиката за пазарот во земјата чијшто планини ги мислиме за поубави, не се темели на „рекла казала“, туку на вистински статистички податоци, добиени од институција, без да мора за тоа да се плати мало богатство.

За споредба, податоците за продажбата на македонскиот пазар за септември уште не се готови, затоа што истите треба прво да се обработат некаде на илјада километри северно, па да станат достапни за редакцијата на Аутомедиа. Последните податоци се за август, и според нив, во месецот биле продадени 347 патнички автомобили и доставни возила.

Најпродавана марка во првите девет месеци во Словенија е Фолксваген, со 5.713 возила, втора е Шкода со 4.179 возила, па потоа „домашниот“ Рено со 3.802 возила.

За септември, редоследот е: Шкода (568 возила), Фолксваген (415), Тојота (280). Најпродавани марки, од 4-то до 10-то место: Рено, Ситроен, Хјундаи, Пежо, Киа, Опел, Ауди.

Меѓу моделите, апсолутен владетел со словенечкиот пазар е Шкода Октавија, со продадени 1.325 возила до септември. Останатите модели со најголема продажба варираат силно со местата од месец во месец, меѓутоа може да се стекне претстава за најпопуларните модели: Рено Каптур (920), Фолксваген Т-Рок (918), Тесла Модел Ипсилон (764), Рено Клио (1.105), Тојота Корола (703), Тојота Јарис Крос (785), Шкода Кодиак (752), итн.

За септември, прва е Шкода Октавија со 163 возила, следат Шкода Камик со 131 и Тојота Корола со 95 возила, за водечката петорка да ја заокружат Сузуки Витара (75) и Шкода Скала (74). До десеттото место: Шкода Кодиак, Пежо 208, Тесла Модел Ипсилон, Ситроен Це-3, Фолксваген Тигуан.

Уште една споредба: Додека Словенија применува автомобилска стратегија достојна за држава и дозволува пазарот да се развива, за секој граѓанин да може да си дозволи автомобил, во оваа земја под користен и „евтин“ автомобил почна да се подразбира „бемве петка“ од 90-те, коешто чини 2.000 евра, од коишто треба да се одземе вредност од 1.000 евра заради враќањето на километражата, и да се додадат 2.000 евра за поправки за следните година две. А, кога ќе треба во третата година да се додадат уште толку пари, старите коли од бугарските плацеви конечно завршуваат на отпадите, коишто се наголемени исто колку обложувалниците.

Земјава, патем, уште нема развиено вештина да прави „сок“ од јаболки.

Го следите нашиот видео канал на YouTube?

Претходна објаваКонцернот на Пежо и Фиат купи акции во кинески производител на возила
Следна објаваЕлектричниот Дефендер ќе се произведува во Словачка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here