
Хонда ги откажа плановите за заеднички развој на достапни електрични возила во соработка со Џенерал Моторс, поради предизвикувачката средина за бизнисот, кажа извршниот директор Тошихиро Мибе.
Двата производители на автомобили во април 2022 се договорија да создадат нова платформа, користејќи ја батеријата Ултиум за електрични возила на Џенерал Моторс, што ќе се вградува главно во малечки СУВ-модели и кросовери. Планот беше првите модели да се појават во продажба во Северна Америка во 2027 година.
Џенерал Моторс во почетокот на неделава предупреди дека повеќе не може да осигура дека ќе го достигне предвидениот профит во висина од 14 милијарди долари за годинава. Американскиот концерн за тоа го обвини штрајкот на синдикатот на работници во автомобилската индустрија во Северна Америка, затоа што предизвикал финансиската иднина на компанијата да не може да се предвиди во доволна мера.
Вкупните трошоци на неделно ниво достигнуваат 200 милиони долари, поради прекинот во производството, и истите веќе имаат надминато 800 милиони долари, наведуваат од Џенерал Моторс.
„Откако една година го студиравме тоа, одлучивме дека ќе биде тешко за бизнисот, така што во моментов го завршуваме развојот на достапен електричен автомобил,“ кажа Мибе во интервју за телевизијата Блумберг. „ЏМ и Хонда ќе бараат решение засебно. Самиот проект е откажан.“
Мибе не го посочи како причина штрајкот на синдикатот на работниците во автомобилската индустрија во Северна Америка, меѓутоа наведе дека причината за откажување на планот биле трошоците и предизвиците околу досегот на возилата.
🚗 Tokyo Big Sight today for our Bloomberg TV interview w/ Honda CEO Toshihiro Mibe #JapanMobilityShow2023
First time back here since the Tokyo Olympics when this was the broadcast center 📽️ pic.twitter.com/snC2fQ5Vz3
— Kurumi Mori (@rumireports) October 25, 2023
Целта на двата партнери беше да се произведуваат електрични возила што ќе чинат под 30.000 евра, колку што е цената што Џенерал Моторс ја планира за Шевролет Еквинокс и за сличните идни модели од Хонда. Преку здружување на силите, Џенерал Моторс и Хонда имаа намера да ги смалат трошоците за батериите и да развијат електирчни модели што ќе им конкурираат на пазарните лидери Тесла и Би-Уај-Ди.
Џенерал Моторс и Хонда ги продлабочуваат врските за да ги смалат трошоците за развој и да ја зголемат продажбата. Производителите на автомобили соработуваат за погонот на водород уште од 2013 година, а остваруваат соработка и во батериите за електрични возила, како и во технологија за автономно возење.
















