SsangYong Tivoli е големото изненадување меѓу кросоверите

Во класата на компактните кросовери станува многу раздвижено. Suzuki Vitara докажа дека светот уште може да очекува добри кросовери со достапна цена, за сега да му се придружи и Tivoli од корејскиот специјалист за теренци.

Кореја има четири големи производители на автомобили. Први се Hyundai и Kia, следи Daewoo-Chevrolet, а веднаш по нив и SsangYong. Тоа што оваа марка постои по 60 години од основањето се должи на многубројни преземања, спојувања и промени на сопственоста. Во SsangYong се имаат претопено марки како Dong-A Motor, Geohwa, делови од Daewoo и Shinjin Automobiles, а тоа што е најголемо изненадување, Partner Westwinds, некогашен конкурент на Jaguar.

Tivoli пристига во исто време со Honda HR-V и Mazda CX-3

По повеќегодишниот проблематичен период, SsangYong конечно заплови во мирни води и почна да гради пристојна понуда од модели. Во минатата година се продадоа преку 140.000 возила, а паралелно со тоа се ширеше и продажно-сервисната мрежа. Врвен модел на корејската марка е големиот теренец Rexton, снабден со мотор од Mercedes, додека основата на понудата ја претставува компактниот теренец Korando, којшто во третата генерација вози со италијански дизајн и техника што воопшто не заостанува зад водечките конкуренти. Меѓу овие два модела се нудат уште теренецот од средна класа Kyron, купе-теренецот Actyon, пикапот Actyon Sports и огромниот ван Rodius. И уште петметарската лимузина со петлитарски мотори Chairman. Тоа е моделска разновидност на којашто повеќето од светските гиганти можат само да позавидат.

SsangYong ја пронајде вистинската форма, препознатлива и различна од останатите кросовери во класата
SsangYong ја пронајде вистинската форма, препознатлива и различна од останатите кросовери во класата

Завидувањето на конкуренцијата сепак нема да биде доволна реакција на појавувањето на новиот Tivoli. Со овој автомобил, SsangYong несомнено ќе се катапултира на врвните места во продажбата во сегментот на компактните кросовери и ќе придонесе корејската марка конечно да се докаже меѓу купувачите. Tivoli е автомобил скроен по сличен терк со новата Suzuki Vitara, со катактер на спортски теренец, со робусен изглед и со шарм.

На должина од 4,2 метри е изработен овој кросовер со привлечен изглед, којшто дише во духот на времето и ја нуди практичноста што се очекува од возило од овој вид во секојдневието. Иако е со иста големина и концепт како Mazda CX-3 или Honda HR-V, багажникот со зафатнина од 423 литри е над конкуренцијата.

Шлаканицата за конкуренцијата следува со цената за моделот. За нашиот пазар уште не се објавени ниту цените, ниту почетокот на продажбата, но моделот веќе се нуди во Германија по цена од 15.500 евра. Повеќето купувачи сигурно нема да останат на основната верзија, покрај богатата понуда од можности за внесување личен печат во возилото или доплата за комфорни ставки. Меѓу другото, SsangYong отсекогаш се прокламирал како престижна, а не обична марка.

Бензинец од 1,6 литар со 128 КС и исто толкав дизел со 115 КС

Корејската марка, последно во сопственост на Mahindra, го нуди Tivoli во верзија со погон напред или на сите тркала, со бензински или дизел мотор од 1,6 литар, со мануелен или автоматски менувач. Бензинецот располага со 128 КС и вртежен момент од 160 њутнметри, додека дизелот ќе стартува со европска продажба наесен, со 115 КС и 300 Nm. Изработката и дизајнот на кабината никогаш досега не била слаба страна на SsangYong, па сигурно нема да бидат и кај последниов модел. Постои солидна поддршка за приклучување преносни уреди и контрола преку дисплеј од седум инчи.

SsangYong Tivoli нема план да воведе револуција на пазарот, но затоа е меѓу најпријатните изненадување во актуелната моделска година. По Suzuki Vitara претстои уште стартот на Honda HR-V и Mazda CX-3, коишто покрај неговите квалитети сигурно нема да го засенат Tivoli, но затоа сите ќе го сочинуваат новиот тренд што ќе биде забележан на улиците и прифатен од купувачите.

Претходна објаваSsangYong ќе ги освојува САД со модел сличен на Wrangler
Следна објаваКаков избор на користено возило е Toyota Avensis

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here