за

Топ 10 совети за правилно користење на клима-уредот

Клима уред, совети за правилно користење во автомобилот
Клима уред, совети за правилно користење во автомобилот

Без разлика дали Вашиот автомобил е опремен со мануелен или автоматски клима-уред или размислувате за нов автомобил, постојат неколку важни информации што треба да се знаат. Целта е на тој начин најдобро да се искористи опремата што денес се подразбира безмалку во секој нов автомобил. Но, клима-уредот и натаму е сложено парче технологија, со неколку видови на примена. Каква улога има климатизацијата, кои се предностите и како таа да е користи правилно?

1. Користете ги предностите на автоматската климатизација во целосен обем

Автоматската клима користи повеќе сензори заради обезбедување комфорна температура, без разлика дали возачот е сам или со целото семејство, дали е спарина или е смрзнувачка. Затоа е доволно само да се притисне копчето Auto и да се намести температурата, обично на 22 оC. Дури и кога знакот AC свети, тоа не значи дека климата работи под максимум. Денешните системи го регулираат компресорот зависно од условите. За таа цел се користи сензорот што го регистрира интензитетот, но и правецот на сонцето.

Во случај прозорците да се замаглуваат кога возилото има мануелна клима, обично треба да се зголеми брзината на вентилаторот. Поинаку е кај автоматската клима. Пред да го зголеми провевот во кабината, таа прво ќе го зголеми протокот на воздух кон ветробранот или ќе ја зголеми температурата, односно ќе ја вклучи климатизацијата, додека се намали влажноста на воздухот.

2. Тризонската климатизација не е луксуз

Секој на различен начин доживува топло и студено. Некој не трпи провев, друг сака студениот воздух да дува директно во него. Тоа се постигнува со насочување на отворите за воздух. Денешните дво- или тризонски клима уреди „знаат“ од која страна свети сонцето, а која страна е под сенка, па соодветно ја приспособуваат температурата на воздухот за левата и деснта страна. Тризонските клима-уреди се корисни кај денешните автомобили со големи ветробрани.

 

3. Зошто температурата на дисплејот не е иста со вистинската температура?

Избраната температура е „сетилна“ и зависи од повеќе фактори. При иста избрана температура, воздухот од отворите е многу потопол во зима и постуден во лето. Модерните автоматски клима-уреди ја приспособуваат температурата, но и правецот на дување. Патниците можат да ја наместат температурата што им е пријатна во опсег меѓу 18 и 28 оС, за возачкото и совозачкото седиште и за задната клупа.

 

4. Колку влијае климата врз потрошувачката на гориво?

Денешните компресори со клип автоматски ја приспособуваат моќноста, зависно од сензорите. Компресорот може да работи одвај, но во други услови ќе работи максимално. Поради тоа, климата помалку влијае врз потрошувачката. Луѓето што имале лоши искуства со постарите генерации клима-уреди, денес не мора да стравуваат дека ќе настинат или слузокожата ќе се исуши. Денешните системи се многу понежни.

 

5. Како влијае климата врз здравјето?

Бидејќи денешните системи работат само со капацитетот што е потребен во моментот, евентуалните здравствени проблеми не произлегуваат од самиот уред, туку од погрешното ракување со него. Од друга страна е докажано дека возачот е повеќе концентриран кога има пријатна температура во кабината. Современите филтри овозможуваат и почист воздух, што е важно не само при пролетните и летните алергени, туку и во загадените градови.

Повеќе производители нудат системи со активна рециркулација, односно такви системи што го прекинуваат дотокот на воздух кога сензорите ќе регистрираат загаденост.

Правилниот избор на температурата исто така е од суштинска важност. Препораката важи за 22 оС за сите годишни времиња. Кога надвор е потопло, дури се препорачува температурата во кабината да се зголеми, за на тој начин да се избегнат шоковите што телото ги претрпува по излегувањето од возилото.

6. Клима уредот е корисен и во зима

Бидејќи клима-уредот го суши воздухот, тој е корисен и во зима, кога се влегува со влажна облека и влажни обивки. Повеќето возачи забораваат да ја вклучат климатизацијата, повеќе внимавајќи на тоа да ја загреат кабината колку може побрзо. Меѓутоа, автоматскиот клима-уред користи сензор за влажност, кој веднаш препознава потреба да го исуши воздухот.

 

7. Кога да се вклучува рециркулацијата?

Малкумина знаат дека рециркулацијата е вклучена во најголемиот дел од годината кога ќе се пушти автоматската климатизација. Предноста е во тоа што воздухот во кабината се филтрира одново, бидејќи воздухот минува низ филтерот дури и кога е вклучена рециркулацијата. Кога ќе се притисне копчето за рециркулација, единствено се менува тоа што се вклучува компресорот, кој спречува прозорците да се замаглат. При опасност од замаглување, системот се исклучува. Ако возачот сака да го затвори дотокот на воздих и да ризикува замаглување, обично копчето треба да се притисне двапати.

8. Користете квалитетни филтри

Производителите нудат неколку видови филтри за кабина. Најскапите поседуваат активен јаглен, кој ги впива нечистотиите, како и антибактериски третман. Затоа не е на одмет да се размисли околу вистинскиот филтер.

 

 

9. Целосно отворете ги каналите за воздух и насочете го струењето

Место да се затвораат одделни отвори, подобро е само да се смени насоката, за кабината да се проветрува подобро. Струењето треба да биде кон прозорците, место директно кон лицето или телото.

Во денешните автомобили, ветробранот не се замаглува бидејќи сензорот за влажност го спречува тоа. Но, честопати се заборава на страничните прозорци. Кога врне или во зима, тие обично се замаглуваат и со тоа се смалува прегледноста. Во тие случаи е доволно ако правилно се насочи струењето на воздухот кон прозорците и се намалчи опасноста од замаглување.

10. Редовното одржување не смее да се прескокнува

Покрај тоа што клима уредот треба да се одржува редовно, вклучувајќи проверка, дополнување или замена на разладното средство, подеднакво е важно да се изврши и дезинфенција и да се замени филтерот за кабината. Тоа е најдобро да се изврши во пролет или во лето, затоа што во зима може да се чувствува непријатен мирис на влага и мов.

Создавањето мов може да се спречи во лето, доколку клима уредот се исклучи кусо пред одредиштето, за струењето на воздухот да ја отстрани влагата од системот. Друго решение е клима-уредот да се пушти на автоматска работа во текот на целата година, дури и во зима.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

течен метан швајцарија Лидл

Швајцарија ја доби првата пумпа за течен метан

Mercedes музеј

Mercedes го очекува 10-милионитиот посетител во музејот во Штутгарт