Малечкиот smart ќе порасне повторно. Во соработка со Renault се развива верзија на градското автомобилче со четири седишта, чија продажба ќе стартува догодина.
Идејата градското автомобилче Smart да добие уште две седишта и да стане модел за четири патници не е нова. Уште во 2004 година се појави четириседот Forfour, базиран на платформата на моделот Colt од тогашниот партнер Mitsubishi. Продажбата на Forfour не одеше според очекувањата и веќе во 2006 година моделот мораше да ја напушти сцената. Но, историјата продолжува. Во Франкфурт ќе биде претставен концептниот автомобил што го најавува идниот smart за четворица.
Името Fourjoy асоцира на забава за четворица, а дизајнот потсеќа на концептните автомобили smart for-us и forstars од ланските салони во Детроит и во Париз. Кај актуелната студија отсуствуваат вратите, задното стакло и поголем дел од покривот, со што на салонските посетители им се отвора глетка во внатрешноста на возилото. Таму прво се забележуваат футуристичките седишта кои изгледаат како да се излеани како едно парче.
Меѓу другите препознатливи белези се масивната арматурна табла од проѕирен плексиглас со заднинско осветлување и инструментите во форма на топка, кои потсеќаат на првиот Fortwo.
Во опашот на Fourjoy работи електричниот погон од smart fortwo ed, со моќност од 75 КС и во комбинација со литиум јонска батерија од 17,6 kWh. Батеријата се полни за седум часови на обичен приклучок, односно за помалку од еден час на брз полнач.
На покривот се прицврстени два таканаречени лонгборди, односно скејтборди со електричен погон. Шлемовите се сместени зад седиштата, а таму се наоѓа и отстранлива ХД камера за акциски снимки.
Студијата Fourjoy е долга 3,49 метри, широка 1,98 метар и висока 1,49 метар. Возилото нема да заврши со прикажување на салони, туку е планирано да влезе во сериско производство кон крајот на 2014 година. Партнер во развојот на Fourjoy е Renault, а и платформата потекнува од идниот Twingo. Дизајнот на студијата го најавува и изгледот на идната генерација на smart fortwo чија што премиера е најавена за април 2014 година.