Лани беше рекордна година за чешката марка. Од продадените 1,06 милион возила, речиси половината отпаѓа на Škoda Octavia. Позитивниот тренд продолжува и годинава со пристигањето на новиот теренски модел.
Во 120-та година од постоењето, Škoda забележа нов продажен рекорд и веќе втора година по ред продава над милион возила. Чешката марка во 2015 година продала 1.055.500 возила или за 1,8 проценти повеќе отколку преклани. Последниот месец од минатата година донесе голем раст во продажбата од 5,7 проценти, со 86.600 возила, со што тоа е најдобра декемвриска продажба во историјата на Škoda. За оваа година се очекува да продолжи растот во продажбата, со пристигањето на новиот теренски модел Kodiak.
Обновувањето на моделската гама лани се одвиваше исклучително ревносно. Во јануари стартуваше комби-изведбата од Fabia, за веќе во следниот месец, во Прага да биде претставен и новиот знаменосец Superb. Новата генерација на Superb се најде во продажба веќе во половината од годината.
На вториот најголем пазар за марката, Германија, Škoda лани продаде 158.700 возила, додека кинескиот пазар и натаму го задржува водството со 281.700 возила.
Продажбата по модели на Škoda во 2015 година
- Octavia (432.300; +11,1 %)
- Rapid (194.300; -12,2 %)
- Fabia (192.400; +19,8 %)
- Yeti (99.500; -3,2 %)
- Superb (80.200; -12,0 %)
- Roomster (16.600; -44,0 %)
- Citigo (40.200; -5,5 %)
















