за

Виетнам е новиот голем пазар за Skoda

Автомобилската бранша сака да ја смали зависноста од Кина. Чесите си најдоа нов голем пазар за својата марка Skoda во Виетнам.

Skoda вложува големи надежи во виетнамскиот пазар. Целиот регион на Југоисточна Азија им е важен на производителите, поради очекуваниот раст во продажбата, но и како локација за производство на возила. Уште еден важен фактор е тоа што во регионот уште владеат моторите со внатрешно согорување.

Концернот Volkswagen мора да наоѓа нови решенија за да надомести за слабеењето на бизнисот во Кина, со што се соочуваат сите производители од Западот. Виетнам е новиот голем пазар за Skoda и 4-ти најголем автомобилски пазар во регионот, по Тајланд, Индонезија и Малезија. Но, зошто токму Виетнам?

Тоа ќе изненади многумина, но Skoda е позната и ценета марка меѓу виетнамскиот народ. Во периодот меѓу 1980 и средината на 1990-те години, голем број Виетнамци имаат престојувано во тогашна Чехословачка. Ним добро им се познати чешките автомобили и тие сега претставуваат еден вид амбасадори на марката во Виетнам. Покрај тоа, пазарот е свесен дека Skoda е дел од концернот Volkswagen и марката се цени дека произведува издржливи и квалитетни автомобили.

Земјата што брои 99 милиони жители има голем потенцијал за продажба на возила. Според последните статистики, на 1.000 жители доаѓаат по 38 автомобили. Далеку поголема е застапеноста на мотоциклите, коишто ги има во 70 милиони примероци по улиците.

Како автомобилски пазар, Виетнам во последната декада забележа голем раст и во просек напредуваше меѓу 16 и 18 проценти на годишно ниво. Во периодот меѓу 2015 и 2019 година, растот достигна 22 проценти. Од почетокот на годината се случува голем пад и пазарот е 27 проценти во минус.

Се предвидува дека во Виетнам во 2030 година ќе се продадат еден милион автомобили

Причина за овој пад се последиците од ковид-пандемијата, како и лошата економска клима, намалените инвестиции, високите камати и слабеењето на куповната моќ. Во последниот квартал, сепак се врати растот во продажбата. „Според нашите предвидувања, тука до 2030 година ќе се продаваат еден милион автомобили годишно“, кажува Чу ван Тујен, менаџер во TC Motor, компанија што ќе ги увезува чешките автомобили во земјата.

Продажбата во моментов се движи околу 350.000 возила годишно. Меѓу најбараните ставки опрема се наоѓаат клима уред, кожени седишта и онлајн-поврзување. Покрај тоа, Виетнамците не сакаат да чекаат, туку во идеален случај сакаат веднаш да си заминат од салонот на дилерот со нов автомобил.

Skoda ќе нуди две нивоа на опременост. Во секој салон ќе биде поставен автомат за готовина, затоа што купувачите се навикнати да плаќаат во кеш. Во меѓувреме почнува да се пројавува интерес и за банкарски кредити. „Нашата соработка со Thanh Cong се покажа дека е мошне плодна. TC Motor со своите познавања на виетнамскиот пазар и не неговите нијанси, направи нашиот старт во овој динамичен регион да биде полесен“, кажува шефот на Skoda за Виетнам, Ондреј Черни.

Toyota веќе е масовно застапена на виетнамскиот пазар

Skoda не е единствен производител на автомобили што го насочува своето внимание кон Виетнам. Чесите дури и подзадоцнија. Toyota го предводи пазарот со удел од 22 проценти, блиску е Hyundai со 19 проценти, а потоа следи и Kia (11 проценти). Чешката фаланга треба да најде простор меѓу овие марки. Skoda ќе гради имиџ на премиум марка со двата СУВ-модели, со Kodiaq и со Karoq, иако двата модели со цената се значително над сумата што Виетнамците ја издвојуваат за автомобил.

Karoq Ambition 1.4 TSI чини 999.000.000 виетнамски донгови, што одговара на 38.400 евра. Поголемиот модел, Kodiaq Ambition 1.4 TSI, чини 45.700 евра (1.189.000.000 донг), додека за луксузниот модел со 2.0 TSI и ниво Style, мора да се смета на најмалку 54.160 евра. Во овие цени е вклучена и царинска стапка во висина од 49 проценти од продажната цена. В година ќе се плаќа за седум проценти помалку царина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Skoda Vietnam (@skodavietnam)

Во Ханои е отворен првиот салон на Skoda, а планот е до 2025 година да бидат отворени 20, и потоа 30 салони до 2028 година. Менаџерите очекуваат дека марката од сегашните три проценти удел, за десет години ќе достигне пазарно учество меѓу пет до шест проценти.

TC Motor е воедно увозник и за Hyundai и извесно време преговараше со Млада Болеслав, пред да се склучи партнерството во коешто учествува и Škoda Volkswagen India Private Limited. Додека првите модели на виетнамскиот пазар, Kodiaq и Karoq, ќе се увезуваат од Европа, следните модели, Skoda Kushaq и Flavia, ќе се изработуваат од CKD-модули во Виетнам. На тој начин ќе се избегнат царината и дополнителните давачки, па и цените ќе се движат меѓу 25.000 и 35.000 евра.

Возилата за виетнамскиот пазар ќе се монтираат локано од готови модули што ќе бидат подготвени во индиската фабрика на Skoda

За монтажата на возила во моментов се гради индустриски парк на површина од 36 хектари во провинцијата Кванг Нин, на два часа пат од Ханои. Во фабриката со површина од 80.640 метри квадратни ќе се изработуваат комплетни возила од готови модули (CKD), коишто ќе пристигаат од фабриката на Skoda во Индија. Во монтажата ќе учествуваат 700 работници. Во првиот чекор во две смени ќе се изработуваат по 40.000 автомобили годишно. Максималниот капацитет е 105.000 возила годишно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot, Fiat и Renault со најдобра салонска услуга според полски Auto Swiat

Автопилотот на Mercedes вози кога сообраќајот ќе згусти