Многумина не гледаат смисла во автопилотот што повремено би го заменувал возачот зад воланот – заслуга за тоа веројатно имаат бројните егзибиционистички видеа по друштвените мрежи, во коишто автомобилот е пуштен сам да вози, додека тој што треба да вози е некаде на друго место во возилото. Mercedes-Benz сепак не може да си дозволи такви „излети“ и уште еднаш укажува на вистинската смисла од автопилотот. По Германија, тој ќе биде достапен и во САД.
Mercedes-Benz наскоро почнува со активирање на првите возила опремени со DRIVE PILOT на пазарот во САД. Станува збор за прв систем за автоматско возење од Ниво 3 во светот. Автопилотот е достапен за топ-лимузините, за електричната EQS и за S-Class, во почетокот само во американските сојузни држави Калифорнија и Невада. Штутгарт очекува дека возилата со оваа техника ќе почнат да се движат по „фривејот“ уште пред завршетокот на годинава.
Техниката што е неопходна за DRIVE PILOT да функционира, уште од фабрика е вградена во некои моделски изведби на EQS и S-Class. За таа да се активира, потребно е сопствениците да платат 2.500 долари. Mercedes-Benz планира да скрои повеќе пакети на претплата, зависно од потребите на корисниците.
Марката со сребрена ѕвезда е прва во светот шго нуди високо автоматизирано возење во автомобил од сериско производство во САД. По Калифорнија и Невада, планот е системот во иднина да се понуди и во другите сојузни држави, со тоа што производителот мора да се справува со различните закони за автопилотирано возење во секоја држава одделно.
DRIVE PILOT овозможува возачот да му препушти на возилото да управува самостојно при голем метеж во сообраќајот или при застој на одредени делници од автопатот во Германија (до 60 km/h) или во САД (до 40 милји на час). Технологијата самостојно ја одредува брзината и растојанието од возилата напред, и го држи возилото во лента.
Безбедноста на системот е најважна при развојот на системот. DRIVE PILOT ги користи сензорите на пакетот од системи за асистенција и поседува дополнителни сензори што се неопходни за безбедна работа. Основниот систем е Лидар, но техниката содржи и микрофони, како и задна камера, што препознава кога наидува возило на итна служба. Во поткрилата се вградени и сензори што препознаваат дожд.
Сите системи за управување и сопирање до кишто има пристап Drive Pilot се изведени двојно, заради максимална сигурност, доколку еден од системите откаже. Секако дека возачката или возачот може во секое време да ја преземе контролата.
На германскиот пазар, DRIVE PILOT е активен уште од мај 2022 година. До 2025 година, автопилотот ќе може да управува самостојно до 130 km/h. Повеќето од работата за тоа да се постигне е бирократија, затоа што техниката веќе одамна е во состојба за безбедно да управува и при повисока брзина. Меѓуфаза ќе биде автопилот до 90 km/h во Германија, до завршетокот на 2024 година.
Положбата на возилото се следи со прецизност што далеку го надминува „воениот“ GPS. Предизноста се сведува буквално на неколку сантиметри отстапување. Покрај сите податоци што Drive Pilot ги добива од сензорите (Лидар, камера, итн) тој чита и навигациска карта со висока резолуција.