за

Škoda Octavia RS добива 230 КС и „клуч“ за дизајнот со четирите очи

Освежувањето на гамата на бестселерот на Škoda е речиси комплетно. Спортскиот топ-модел Octavia RS добива 10 КС плус и неколку дополнувања на опремата. Деталот со четирите очи којшто досега предизвикуваше спротивставени критики се прикажува во сосема поинакво светло во најмоќната и најбрзата Octavia RS во историјата. Дизајнерот Јозеф Кабан повторно го докажа своето мајсторство.

По само неколку недели од претставувањето на освеженото моделско годиште на својот бестселер, Škoda го пушта топ-моделот Octavia RS. Сменетиот изглед на предниот дел, неколкуте зафати во опашот и спортските детали во кокпитот го нагласуваат динамичниот карактер на моделот. Исто како досега, Octavia RS е достапна во комбилимузинска и комби изведба, со дволитарски бензинец и дизел со истата работна зафатнина. Додека дизелската изведба продолжува и натаму со 184 КС, бензинецот добива 10 КС плус, што значи дека сега ослободува 230 КС – повеќе од која било Octavia RS досега.

RS е „клучот“ на новиот дизајн со четирите очи на Octavia

Изгледот на предниот дел не укажува на друго, освен на тоа дека Јозеф Кабан при кроењето на редизајнот на Octavia ја имал на око токму спортската верзија. „Внатрешните“ светла целосно се втопени во црната маска со дебели ламели и тоа е еден мал генијален потег што мора да се признае како уште едно големо достигнување на Кабан. Стилот го следат и доминантните и строго „исечени“ отвори за воздух во браникот. Светлата користат исклучиво диодна техника и интелигентна распределба на светлосниот сноп. По појавувањето на освежениот RS, сега и „обичната“ Octavia ќе ја гледаме поинаку.

Skoda Octavia RS facelift

Во задниот браник е изведен впечатлив црн дифузор, когошто по целата должина го придружува црвена рефлексивна лента. За ниту еден детал да не биде пропуштен, задните светла стандардно поседуваат диодна техника, исто како и осветлувањето на регистерската табличка.

Спортските седишта RS сега може да се добијат и во верзија обложена со алкантара, покрај стандардната комбинација од кожа и платно. На тоа се надоврзуваат спортски волан со перфорирана кожа, алуминиумски плочки на педалите и прагови со лого RS.

https://www.facebook.com/Automedia.mk/posts/1390977947620814:0

Подвозјето е за 15 милиметри спуштено во споредба со стандардната изведба, но „фејслифтот“ донесе и за 30 милиметри поширока трага на задната оска. Бандажи од 17 инчи следуваат стандардно, заедно со сопирачки клешти во црвена боја. По желба, бандажи од 19 инчи може да се добијат и во сребрен финиш.

DCC за избор на комфорна, спортска или нормална работа на подвозјето

За возната динамика се грижат прогресивно управување, неколку степени на моќност – дополнително со генератор на звук, достапен како опција – електронска симулација на блокада на диференцијал и DCC, односно можност да се избира меѓу комфорна, нормална или спортска работа на подвозјето.

Skoda 0ctavia RS Combi facelift

Дволитарскиот TSI располага со 230 КС, максималниот вртежен момент остана непроменет на 350 њутнметри при 1.500 вртежи. Спринтот до сто се скуси за една десетинка, на 6,7 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 km/h. Чесите нудат и верзија на RS со 6-степен менувач со двојна спојка.

Дизелската верзија на Octavia RS со 184 КС и 380 њутнметри спринтува до сто за 7,9 секунди и постигнува 232 km/h. Менувач со двојна спојка и тука се нуди како опција, а достапна е и верзија со погон на сите тркала.

Од сите генерации на Octavia RS од 2000-та година досега, продадени се над 200.000 примероци, од кои половината отпаѓа на актуелната генерација од 2013 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Комбињата на Mercedes се придружуваат на рекордите во Штутгарт

Google бара помош од автопроизводителите за својот роботски автомобил