Škoda Kodiaq: Сега и теренците го имаат својот Superb

Имаше причина зошто Škoda го именуваше својот нов теренец по една од најголемите сорти на мечки. Kodiaq пристига со каросерија долга 4,7 метри, места за седум патници, багажник со зафатнина до два метри кубни и способност за влечење товар до 2,5 тони. И конкуренцијата има причина времето да го смета на тоа пред и после Kodiaq.

Лимузините од средната класа веќе извесно време го имаат Superb од третата генерација да ги преплашува, а сега и теренците го добиваат својот Superb. Чешката марка на Volkswagen успеа да ги престигне и Opel Insignia и Ford Mondeo со својот лимузински знаменосец на европскиот пазар, со 50.390 продадени примероци во првото полугодие или за 85 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Единствено уште Passat се продава подобро во оваа класа. Тоа е само колку за претстава, што претстои во сегментот на големите теренци, откако новиот Kodiaq ќе почне да гази по асфалтот и околу него.

skoda kodiaq 00023

Kodiaq внесува нови пропорции во моделската понуда на Škoda: Должина 4.697, ширина 1.882, висина 1.676, меѓуоскино растојание 2.791 милиметри. Големиот теренец ја користи платформата MQB, што значи истата како Passat и Superb. Една од придобивките на MQB е оптимизацијата на тежината. Со основниот бензинец од 1,4 литар и преден погон, Kodiaq тежи 1.452 килограми, односно 1.540 килограми во најлесната верзија со погон на сите тркала.

Прв модел на Škoda достапен во изведба со седум седишта

Иако е само четири сантиметри подолг од Octavia, теренецот се одликува со натпросечно просторна кабина за својот сегмент, што е уште една придобивка од платформата MQB. Во поглед на приспособливоста за патниците, дводелната задна клупа лизга надолжно за 18 сантиметри и располага со местење на потпирачот за грб по агол, додека зад неа има простор за опционален трет ред седишта, со што Kodiaq е првиот модел на Škoda достапен со седум седишта.

skoda kodiaq 00040

Со стандардна зафатнина од 720 литри, при соборен трет ред седишта, Kodiaq располага со најголем багажник во класата. При опција за преклопливо совозачко седиште, во кабината може да се сместат предмети долги до 2,8 метри. Со доплата се нуди и електрично ракување со задниот капак, исто како и отворање на капакот при замавнување со стопалото под браникот. Во комбинација на TDI-DSG-4×4, големиот теренец може да влече товар до 2,5 тони. Влечна кука што се извлекува со помош на електромотор исто така не недостига.

Триесет практични решенија „Simply Clever“ од кои седум премиери

Škoda редовно изненадува со практичните решенија во смисла на мотото „Simply Clever“. Овојпат новитетот се штитниците на рабовите на вратите. Овие штитници се извлекуваат при отворањето на вратите под дејство на пружините и спречуваат лакираниот метал да дојде во допир со површина или предмет што може да го оштети. Кога вратата повторно ќе се затвори, штитникот самостојно се вовлекува. Меѓу 30-те решенија „Simply Clever“ се наоѓа и електричната команда за заштитата за деца во задните врати, потпирачи за глава што се поставуваат во положба за спиење или систем за комуникација во кабината.

https://youtu.be/NWG4mtPttFc

Во понудата од системи за асистенција пристигаат технолошките досетки познати од големите модели од останатите марки во концернот VW, вклучувајќи помош при влечење приколка или камери за преглед на возилото од птичја перспектива. Стандардно се вградува систем за самостојно запирање при опасност од судир, којшто функционира до 34 km/h.

Од останатите системи за асистенција се достапни радарски темпомат со самостојно одржување растојание од возилата напред, систем за следење лента, надгледување на мртвите агли и предупредување дека странично наидува возило при излегување во рикверц. На тоа следат уште самостојно поаѓање и запирање во градски метеж – дополнително со следење на лентата при брзини до 65 km/h – препознавање замор кај возачот, па дури и систем којшто препознава кога возачот не е повеќе способен да управува со возилото и самостојно го насочува возилото покрај патот, односно го паркира на безбедно.

Пристап на интернет, Google Earth, Google Street View, Android, CarPlay…

Користењето услуги преку интернет не му е туѓо на Kodiaq. Во зависност од нарачаните опции, големиот теренец може да добива актуелни сообраќајни информации, услуги на Google Earth, топографски приказ преку Google Street View, информации за цени на горива, слободни паркиралишта, временска прогноза и локални знаменитости. Дополнително е достапна и сопствена мобилна апликација, за посебните услуги од Škoda, како аларм до мобилниот телефон на сопственикот кога „трето лице“ го стартува возилото.

skoda kodiaq 00035

Два дизела и три бензинци ја сочинуваат понудата од погонски единици при пазарното воведување на Škoda Kodiaq. Дијапазонот на моќност се движи од 125 КС на 1.4 TSI, 150 до 190 КС на 2.0 TDI. Старт-стоп системот е стандард, исто како и повраток на енергијата при сопирање и напреден термо-менаџмент којшто исто така придонесува за штедливоста. Според фабрика, основниот дизел со 150 КС троши просечно 5,0 литри на сто километри. Вториот бензинец во понудата е 1.4 TSI со автоматско исклучување на цилиндрите при послабо оптоварување и 150 КС, додека топ-бензинец е 2.0 TSI со 180 КС и аткинсонов циклус на работа (прво вградување во Audi A4), стандардно со погон на сите тркала и седумстепен DSG.

Приспособливо подвозје со повеќе модуси – вклучувајќи и теренски модус

Како опција е достапен Driving Mode Select, со когошто може да се избира нормална, штедлива, спортска или индивидуална програма на работа на моторот, менувачот, управувањето, климатизацијата и чувствителноста на контролната електроника во подвозјето. Верзиите со погон на сите тркала дополнително располагаат со модус за снег. Втора опција во подвозјето е DCC или приспособлива контрола на динамиката на подвозјето. Тука се работи за контрола на електричните вентили со коишто се припособува работата на амортизерите според ситуацијата во возењето. Возачот има избор на комфорна, нормална или спортска програма на работа на DCC.

skoda kodiaq 00019

При излегување на терен, возачот може да го избере теренскиот модус со притискање копче, кога подвозјето, контролата на моторот и сопирачките се приспособуваат за груби услови на возење. При спуштање по надолнина е од корист системот што ја ограничува брзината со самостојно активирање на сопирачките.

Светската премиера на Škoda Kodiaq ќе се случи на салонот во Париз, во почетокот на октомври, а продажбата стартува веќе напролет.

Технички податоци · Škoda Kodiaq 2.0 TDI 4×4

Мотор Турбодизел, common-rail, dohc, 4 цилиндри, 1968 ccm, моќност 190 КС при 3500-4000/min, вртежен момент 400 Nm при 1750-3250/min, компресија 15,5:1 Погон и пренос На сите тркала со автоматска распределба на вртежен момент, менувач со двојна спојка DSG, седум степени на пренос, мануелна контрола Tiptronic Подвозје Напред мекферсон со триаголни водилки и стабилизатор, назад со повеќе водилки – една надолжно, три попречно, стабилизатор, пружини назад одвоени од амортизерите, напред вентилирани сопирачки дискови, назад дискови, електомеханичка паркирна сопирачка назад, електромеханичко сервоуправување, бандажи 7Ј х 17, гуми 215/65 R17 Каросерија 5 врати, 5 (7) седишта, коефициент на отпор на воздух 0,334 Димензии Д х Ш х В 4697 х 1882 х 1655 mm, меѓуоскино растојание 2791 mm, растојание од подлога 187 mm, ширина на трага напред / назад 1586 / 1576 mm, круг на вртење 11,6 m, багажник 720 – 2065 L Тежини Празно возило 1761 kg (вклучувајќи 75 kg за возач), носивост 475 kg (+75 kg за возач), носивост на покрив 75 kg, приколка со сопирачки 2500 kg (нагорнина до 8%) Резервоар 60 L Перформанси Крајна брзина 210 km/h, забрзување 0-100 km/h за 8,6 ѕ, потрошувачка (град / пат / просек) 6,6 / 5,3 / 5,7 L 100 km

[FAG id=25362]

Претходна објаваОсумте најдобри иновации за годинава одликувани на саемот Аутомеханика
Следна објаваVolvo отвора работни места за 400 софтверски инженери

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here