
Шкода изработи ограничена серија од Фабија 130 со 1,5-литарски мотор со моќност зголемена на 130 киловати/180 КС, во чест на 130-те години постоење на чешкиот производител. Бројката 130 воедно се поврзува и со легендарната Шкода 130 РС.
Фабија 130 јасно укажува дека станува збор за посебен модел, со неколку ненападни зафати во надворешноста, во стилот на Шкода. Тој спортски изглед го оправдуваат перформанси, и уште поважно, возните својства. Шкода доби одлични оцени од европските медиуми што имаа можност да ја тестираат 130-ката. Сега производителот објаснува како го создаде овој модел.
„Четвртата генерација на Шкода Фабија е совршена основа за спортски автомобил. Таа има куси превиси и компактни димензии, што води кон ниски инерциски моменти. Во исто време, платформата МКУБ нуди широка трага, што придонесува за општата стабилност, објаснува Петр Шулц од развојното одделение на Шкода, воедно посочувајќи дека таа основа служи и за тркачката Фабија РС Рели2.
Главните зафати се во управувањето. Тука многу решава големината на тркалата. Производителите обично прават компромис кај стандардните модели и го нагодуваат управувањето за тоа да одговара за сите големини на тркала што се вградуваат во целата гама на одреден модел. Кај Фабија 130 е поинаку, таа се испорачува строго со тркала од 18 инчи, и поради тоа, управувањето и целото подвозје се нагодени точно за таа големина.
Големината на тркалата влијае врз прецизноста на управувањето и врз однесувањето на влез во свијок. Важна улога има и електромеханичката серво поддршка. Во Фабија 130, преносниот однос е ист со изведбата Монте Карло, но се направени промени посебно за 130-ката. До 30 км/ч, сервото работи исто како кај стандардните модели, при средна брзина (до 80 км/ч) тоа сепак ја смалува поддршката и се чувствува подиректна реакција.

Зголемената крутост на управувањето во средишната положба ја подобрува стабилноста и дозволува чисто и прецизно местење пред свијок, со мал агол на вртење на воланот.
Над 80 км/ч, управувањето станува уште покруто и се стекнува чувство на стабилност. Управувањето реагира линеарно и предвидливо, дозволувајќи ситни корекции на воланот, на пример, при возење на автопат. Влијаат и спојлерите, што го зголемуваат потисокот и ја подобруваат стабилноста.
За управувањето може да се избира меѓу спортски или нормален режим. Но, дури и во нормален режим, управувањето сепак работи подиректно отколку во обичниот модел.
Друга клучна промена е работата на системот за стабилност, односно неговата спортска верзија. Таа обично се користи за моделите со погон на сите тркала и за РС-моделите. Овој систем дозволува мало лизгање, пред да се вклучи и да го стабилизира возилото. Петр Шулц: „Во ова подрачје, се повикуваме на искуство од преку 20 години“. Со познавач зад воланот и на затворена патека, може да се провоцира дури и мало надуправување.
Секако дека е важно и присуството на системот ИКСДС што работи на предната оска. Тој го потсопира внатрешното тркало во свијоците и дејствува како блокада на диференцијал. На тој начин се следи сигурна линија во свијок и се задржува тракцијата и при силно притскање врз гасот. Со тоа значително се зголемува динамичноста во свијоци. Иженерите сепак осигуруваат дека сопирачките нема да се прегреваат со дејството на овој систем.















