Киа најави три електрични модели на македонскиот пазар, што нуди „електричниот Спортаж“ ЕВ5?

Меѓу трите модели што Киа Македонија ги најави за скорешна премиера пред македонските возачки и возачи се наоѓа и ЕВ5, модел што со големината и моќноста одговара на Спортаж, со години најпродаван воопшто модел на македонскиот пазар.

Киа Македонија има широк круг на сопственици на Спортаж од сите генерации на моделот, како ќе реагира клиентелата на електричниот ЕВ5?

ЕВ2, ЕВ4 и ЕВ5, тоа се следните три електрични модели, што ќе им се придружат на двата веќе одомаќени модели на македонската сцена, ЕВ3 и ЕВ6. Првиот од нив е голема тема на сцената, затоа што од него се очекува цена од околу 25.000 евра, и тоа е модел од градската класа, практично е електрично Рио.

ЕВ4 е модел од компакт класата, и претставува електро-пандан на некогашниот Сид, односно на денешниот К4. Тоа што најмногу ќе привлече внимание на сцената, секако е Киа ЕВ5, СУВ од компакт класата со целосно електричен погон, којшто е електричен пандан на шампионот Спортаж.

Цените на електричните модели секако дека се повисоки во споредба со класичните модели, посебно што во Македонија не постои субвенција, што на купувачите ќе им го олесни купувањето автомобил на струја. Фирмите, исто така не добиваат поволност, освен исклучоци. Секако, се работи за такси-компанијата од Штип, којашто кон завршетокот на минатата година ги доби првите 50 од вкупно 70 примероци од електричниот ЕВ3.

Тоа е несомнено историски момент, меѓутоа не се работи за слава, туку причината за штипското такси да избере погон на струја беше заштедата во работните трошоци. Понатаму, Штип Сити Такси ќе заштедува и на трошоци за одржување и поправка.

Засега нема информации околу пристигањето, цените и изведбите на најавеното електрично трио на Киа, така што следните податоци се однесуваат општо, издвојувајќи го посебно ЕВ5, „електричниот Спортаж“

ЕВ5 стартуваше со продажба во Западна Европа порано од најавите. Првите испораки во Германија и останатите големи пазари се случија во средината на ноември.

Киа засега го нуди ЕВ5 само во изведба со преден погон и со батерија од 81,4 кВч. Годинава ќе се придружат останатите погонски верзии. Електромоторот е вграден напред и располага со 160 КС, односно 218 КС, и вртежен момент од 295 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 8,4 секунди, крајната брзина е ограничена на 165 км/ч. Досегот изнесува до 530 километри. Гамата веројатно ќе вклучува и подостапна изведба со батерија од 60,3 кВч и изведба со погон на сите тркала.

За разлика од престижниот кросовер ЕВ6 и знаменосецот ЕВ9 , „петката“ користи мрежа од 400 волти, место 800 волти, и дозволува полнење со моќност до 150 киловати. Тоа значи дека за 30 минути, батеријата се полни од 10 до 80 проценти.

ЕВ5 е долга 4,61 метри, широка 1,88 метар и висока 1,68 метар. Меѓуоскиното растојание е 2,75 метри. Багажникот располага со 566 литри, односно 1.650 литри со соборена клупа. Под хаубата има втор багажник од 44,4 литри. Со соборена клупа, назад собира предмети долги до 2 метри. Посебна практична димензија додаваат надолжните шини во багажникот.

Дигитализацијата преоѓа на следно ниво во Киа ЕВ5, телефон место клуч тука е „основна“ функција

Кокпитот се сведува на два екрани од по 12,3 инчи под заедничко стакло, заедно со трет дисплеј, за климата и инфо-забава, со пречник од 5,3 инчи. Вчитување нов софтвер по пат на облак и дигитални функции се подразбираат. Киа Македонија уште есеноска најави пуштање на апликацијата што ќе дозволи ракување по пат на телефон.

Најширок арсенал од системи за асистенција е стандард, до темпомат што се раководи според навигација и самостојно следење колона по пат.

Вообичаено за Киа денес, нивоата се водат Ер (воздух), Ерт (земја) и ГТ-Лајн. Уште во основното ниво следат ЛЕД-светла, паметен клуч, двозонска автоматска клима, тркала од лесен метал од 18 инчи, задна камера и сензори напред и назад – затемнети стакла назад се стандардна спецификација на секоја Киа што е продадена на македонскиот пазар веќе половина деценија.

Седумте години гаранција на Киа важат и за електричниот ЕВ5, со тоа што за батеријата важат 8 години или 160.000 километри.

На германскиот пазар, Киа ЕВ5 Ер без субвенциите чини 45.990 евра. За македонскиот пазар може да се шпекулира цена под германската.

Претходна објаваНовата С-Класа на светска турнеја по повод 140-годишнината на Мерцедес-Бенц
Следна објаваКако Шкода го постигна спортското чувство во Фабија 130

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here