Суперѕвездата на чешката марка само во едно не се промени. Во цената. Многу модели што „висат“ во средната класа ќе бидат потиснати од новиот Superb, но и во сопствените редови ќе има метеж.
Останаа да се дознаат само уште последните бројки околу новиот Superb – цените. Ако некој се сомневаше дека Чесите ќе можат и во новиот „Super-Superb“ да ја задржат цената на стариот модел, немало потреба за тоа. Знаменосецот на Škoda на чешкиот пазар стартува од 599.900 круни (22.000 евра) за верзијата со мотор 1.4 TSI со 150 КС и во основното ниво Active. Покрај основниот бензинец, кој поседува и активно исклучување на два цилиндра при ниско оптоварување на моторот заради намалување на потрошувачката, за големата Škoda стојат на располагање уште 1,8-литарски TSI со 180 КС, дволитарски TSI со 220 и 280 КС, како и два дизела – 1.6 TDI со 110 КС и 2.0 TDI со 150 и 190 КС.
Сите мотори се достапни во комбинација со шестстепен менувач со двојна спојка, со доплата од 2.400 евра (стандард во 2.0 TSI со 220 и 280 КС), а освен 1.8 TSI и 1.6 TDI, сите моделски изведби можат да се добијат во верзија со погон на сите тркала (2.400 евра). Најскап во ценовникот е Superb 2.0 TSI со 280 КС, погон на сите тркала и менувач со двојна спојка, во престижното ниво Laurin & Klement, со цена од 39.600 евра.
Основното ниво на опременост Active доаѓа со полн арсенал активни безбедносни системи, вклучувајќи и симулација на блокада на диференцијал XDS+, електрична паркирна сопирачка со Auto Hold, самостојно запирање при опасност од судир, седум воздушни перници, алу-бандажи од 16 инчи, диодни задни светла, кожа на волан, систем старт-стоп, електрика на сите прозорци, електрика и греење на ретровизори, централна брава со далечинска контрола, двозонски автоматски клима уред, паркинг-сензори назад, темпомат и радио Swing. Освен за 1.4 TSI, основното ниво е достапно уште за 1.6 TDI и 2.0 TDI со 150 КС.
Во повисокото ниво Ambition, со цена за 2.400 евра над основното, дополнително следуваат поголеми алу-бандажи (17 инчи), магленки, биксенонски активни предни светла, диодни дневни светла, команди за радио на волан, електрично местење на возачко седиште и радио Bolero, вклучувајќи блутут и поврзување со паметен телефон SmartLink. Потоа следуваат највисоките две нивоа Style и Laurin & Klement.
Наскоро ќе следуваат и македонските цени, како и најавата за почетокот на продажбата на новиот Superb.