Skoda се остри за иднината

Чешката марка се подготвува за големо искачување на автомобилската сцена. Студијата Vision C и по неколку месеци од премиерата го привлекува вниманието со нови детали.

Првото што публиката го забележа при премиерата на последниот концептен автомобил на марката од Млада Болеслава беше впечатливата зелена боја, светла, но не и дречлива. Оваа боја досега ја имаме гледано на суперболидите од Lamborghini и на нивните пандани на две тркала со знакот на Kawasaki. Дизајнерите на Skoda сепак немаа намера со оваа боја да побудуваат асоцијации на Lambo, туку на логото на нивната марка, на зелената стрела со крила. Чесите и претходно ја имаат користено светлозелената боја, на пример кај купето 130 RS со заден мотор, што Skoda го произведуваше во 1970-те години.

Но, и дизајнот на Skoda Vision C не е помалку впечатлив. Каросеријата на купе со четири врати изгледа како скап автомобил, со остро изведени рабови, со издолжена линија и со ниски прозорци што побудуваат љубопитност кој се вози во овој автомобил. Предните светла и магленките имаат строго триаглеста форма и личат на брусен кристал. Чоколадна страна на Vision C сепак е опашот, со светла со запчеста форма што се насочени нанапред.

Внатрешноста крие уште поимпресивно доживување. Во кабината се наоѓаат четири единечни седишта со спортски контури, а возачот гледа во тридимензионален дисплеј со висока резолуција и со можност за програмирање на приказот по желба. Со мултимедиските функции се ракува преку големиот дисплеј на допир во средишната конзола. Патниците на задните седишта секако не остануваат покусо. За нив се наменети два екрана вградени во потпирачите за глава на предните седишта.

Тоа што остава особен впечаток внатре е масивната примена на стакло. Станува збор за вистинско стакло, не за пластична имитација. Необичниот материјал во дизајнирањето на кабината се користи за целата долна половина од средишната конзола што е изработена од едно парче стакло, како и за големите украсни елементи што се вградени во вратите и имаат заднинско осветлување, за уште поубедлив ефект. Дополнително, за изработка на внатрешната шара во кристалот се користени ласери. Примената на стаклото има врска со чешката традиција во занаетчиството. Овие детали во кабината се изработени од рачно брусен кристал, а чешкиот кристал е синоним за врвна рачна изработка.

Кристалот се користи и за блокот со прекинувачи во воланот, со вградени капацитивни сензори за ракување со функциите. Детал од напредна технологија поседува и меморијата за местење на седиштата. Преку поле за читање на отпечаток од прстот, секој корисник ја добива својата меморирана позиција на седиштата, воланот и ретровизорите. Со толкава посветеност во деталите на дизајнот, никој нема да забележи за тоа што под ламарината на Vision C се наоѓа најстандардна техника на концернот Volkswagen, место дебел осумцилиндарец. Skoda се реши во студијата да вгради 1,4-литарски бензинец со 110 КС, кој по избор или според расположливоста на горивото, може да работи на бензин или метан.

Што ќе произлезе од Vision C? Студијата повеќе има за цел да укаже на новата дизајнерска линија на Skoda, што ќе ја следи и идната генерација на знаменосецот Superb, но и да испроба како публиката реагира на традициските придобивки на кои што чешката марка може да се повика во секое време, како кристалот, на пример. Купе-лимузина што ќе конкурира на Audi A5 или на Volkswagen CC е помалку веројатна, тоа за нив би било преголем удар од сопствените редови.

Претходна објаваШефот на PSA бесен што кросоверот на Citroen не доаѓа во Европа
Следна објаваКонцернот Volkswagen даде зелено светло за автомобилот од 5.000 евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here