Нафтениот гигант Shell разви градски автомобил за иднината, кој штеди енергија и при производството и при експлоатацијата. Во секој друг поглед, концептот на Shell е само Smart од следната генерација.
Shell претстави концепт на градски автомобил за блиската иднина, со намера да докаже дека при развој на возилото и погонот во соработка со производител на средства за подмачкување е можно да се постигнат значајни придобивки во поглед на потрошувачката на енергија. Shell Concept Car, за производството и во целиот животен век на возилото би потрошил за една третина помалку примарна енергија отколку актуелните градски автомобили, за половина помалку од автомобил од компакт класата и за две третини помалку енергија од спортски теренец или кросовер.

Концептниот автомобил на Shell е резултат од соработката меѓу врвни конструктори на возила и на мотори, со врвни експерти за средства за подмачкување. Посебно внимание при развојот на возилото беше посветено во изборот на материјалите, во оптимизацијата на погонската спрега и во аеродинамичноста на каросеријата. Економичноста во погонската спрега се базира на примената на моторно масло со специјална формулација и на соодветните мерки што се преземени во моторот за конкретното масло, односно тука не станува збор за ништо друго освен за мотор што е развиен според моторното масло. На тој начин, потрошувачката на гориво би се намалила за најмногу пет проценти, а соодветно и емисијата на СО2. На тестирањата, Shell Concept Car троши 2,64 литри бензин на сто километри при постојана брзина од 70 km/h.
Нов принцип: Мотор развиен специјално за моторното масло
Како основа за специјалното масло во концептниот автомобил се користи премиум-маслото Shell Helix Ultra со технологија Pure Plus. Паралелно на тоа, експерти од Geo Technology и „гуруто“ во развој на мотори Осаму Гото, извршија модификации во постоечки трицилиндарски бензински мотор, заменувајќи односно оптимирајќи голем дел од компонентите во моторот. Со специјалното масло и „наменскиот“ мотор се постигнува намалување на потрошувачката на гориво за околу седум проценти при незагреан мотор, односно до пет проценти во целиот возен циклус.

Во изработката на возилото е користена технологијата i-Stream на Гордон Мареј, којашто претставува пресвртница во поглед на дизајнирањето, развојот и производството на автомобили. Во оваа технологија на конструкторската легенда во формула 1 се користат лесни материјали и лесна конструкција на компонентите, што резултира со тежина на возилото од само 550 килограми. Дополнително се внимавало да се изберат и материјали за чие што производство не се троши премногу енергија и не се ослободуваат екстремни количини на СО2.
Возилото на Shell е дизајнирано со примена на искуствата на Гордон Мареј во формула 1, како во поглед на лесната конструкција, така и во поглед на безбедноста. Голем дел од компонентите се изработени во постапка на тридимензионално печатење. За шасијата се користени рециклирани делови од карбон, така што трошоците за нејзина изработка изнесуваат само една четвртина во споредба со трошоците за изработка од челик. Покрај тоа, секоја компонента од возилото е предвидена да се рециклира по крајот на неговиот животен век.
















