Шпанската фабрика покрива 16 проценти од енергијата за производство на Ibiza со струјата добиена од соларните панели на покривот. Тие покриваат површина на 40 фудбалски игралишта.
Соларниот парк Seat al Sol се состои од 53.000 соларни панели, коишто покриваат површина од 276.000 метри квадратни – исто колку 40 фудбалски игралишта. Системот што е инсталиран на покривите од производствените хали во фабриката во Марторел ја испорачува чистата енергија точно на местото кадешто истата е потребна. Со соларните колектори се избегнува емисија на 7.000 тони СО2 годишно. Тоа е 8,5 пати повеќе јаглероден диоксид отколку што за една година може да апсорбира Централ Парк во Њујорк.

Номиналната моќност на системот изнесува 11 мегавати, а максималната 12 MW. Годишниот производствен капацитет изнесува 15 милиони киловатчасови, што е 16 проценти од енергетската потреба за производство на моделот Ibiza – без ниту еден грам штетна емисија во воздухот.
Шпанската марка на Volkswagen вложува максимална грижа во заштитата на животната средина. Две железнички линии во вкупна должина од 40 километри ги превезуваат возилата до Барцелона и деловите до Зона Франка, со што се избегнуваат 50.000 камионски тури годишно и емисија од 2.000 тони СО2. Покрај тоа, термоелектраната во Марторел произведува 50 проценти од електричната енергија и 90 проценти од потребната топлина, избегнувајќи емисија од 12.800 тони СО2 годишно. За погонот се користат исклучиво енергетски ресурси од обновливи извори.
















