за

Шефот на Сеат не планира да се откаже од марката

Целта на Вејн Грифитс е да ги задржи двете шпански марки на концернот Фолксваген.

Шефот на Сеат, Вејн Грифитс, претходно демантираше дека ѝ се заканува згаснување на шпанската марка. Точно е дека Сеат од одредени причини уште нема електричен автомобил во својата понуда во моментов, но тоа може и да се смени.

Првиот човек на Сеат и Купра, Вејн Грифитс, планира својата работа и во иднина да ја продолжи со двете марки. „Тоа не е прашање или-или“, кажа тој во разговор со германската новинска агенција дпа. Тој ги демантираше пишувањата дека би дозволил марката Сеат да згасне во корист на Купра. „Ме радува што ги имам двете марки.“

Тоа важи и за периодот што ќе следи откако ќе престане производството на моделите со мотори со внатрешно согорување, што Сеат во моментов ги има во својата понуда, додаде Грифитс. „Како ќе продолжи Сеат во подолг рок, секако дека зависи главно од електрификацијата.“

Шпанската марка што во концернот Фолксваген отсекогаш била позиционирана под матичната марка Фолксваген, можно е во иднина да ја преземе улогата на марка што ќе нуди најдостапни цени за електричните возила од сите марки во концернот. „Тоа би била мојата цел. Според топ-менаџерот, можно е Сеат во ерата на електричниот погон да прерасне во „дачиа“ на Фолксваген. Британецот раководи со шпанската марка Сеат од 2020 година.

„Има уште време до 2035 година“

Шпанската сестра на Фолксваген во моментов нуди електрични автомобили, исклучиво под марката Купра, којашто се издвои како подмарка на Сеат во 2018 година. Купра Борн е шпанската верзија на ИД.3, со идентична каросерија и со разлики во неколку додатоци. Со цената, моделите на Купра се над Сеат.

„Денес едноставно не е можно навистина да се заработува со малечок електричен автомобил во класичниот сегмент на Сеат“, објаснува Грифитс за причините зошто матичната марка уште не се приклучува во електричниот бран. „За таа цел ни е потребна друга платформа за електрични автомобили, исто како и поевтини батерии“. Има уште многу време до тогаш. „Тогаш со задоволство би испитал дали има смисла за малечок електричен модел на Сеат, во портфолиото на концернот, покрај Фолксваген и Шкода.“

Сеат дотогаш ќе им остане посветен на постоечките модели со мотор со внатрешно согорување. „Тие ќе ни требаат уште долги години“, кажува Грифитс. Дури кога моделите со мотор со внатрешно согорување ќе заминат по 2030 година, ќе биде потребна нивна електрична замена. „Во секој случај имаме време до 2035 година, кога повеќе нема да можеме да продаваме возила што испуштаат штетни материи. А, до 2035 година ќе се развиваат уште многу нешта.“

Го следите нашиот видео канал на YouTube?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На Тојота ѝ успеа уште еден рекорд, близу шест милиони возила за шест месеци

Киа ЕВ6 е најдобра спортистка на струја за американскиот Роуд енд Трак