за

Киа ЕВ6 е најдобра спортистка на струја за американскиот Роуд енд Трак

Директорот на Киа Америка се радува на титулата најмногу поради тоа што се докажа дека „електричните автомобили не мора да бидат тивки кутии на тркала и предизвикуваат иста возбуда како спортски автомобил со бензински мотор“.

Спојот од долг досег, просторна кабина и префинет изглед, со 585 КС, ѝ донесе победа на Киа ЕВ6 во категоријата на најдобар електричен автомобил со спортски перформанси до 100.000 долари, во изборот на американскиот магазин Роуд енд Трак.

Северноамериканскиот пазар редовно ѝ носи звучни наслови на Киа. Тамошниот огранок на корејската марка објави дека Киа ЕВ6 ГТ е именуван за најдобар спортски електричен автомобил од страна на Роуд енд Трак, во категоријата до 100.000 долари.

Како што бидува на сите сериозни избори за најдобри автомобили на годината, Киа ЕВ6 се докажа на бројните тестирања од страна на американскиот магазин, во соочувањето со жестоката конкуренција.

Стивен Сентер, оперативен директор на Киа Америка, се чувствува почестен од титулата и кажува дека во марката се „возбудени што тие (Роуд енд Трак) ја препознаа нашата основна цел, да докажеме дека електричните автомобили не мора да бидат тивки кутии на тркала, и дека нашата ЕВ6 ГТ со својата моќ може да предизвика иста возбуда како некои од автомобилите со бензински мотори, што причинуваат најголемо возачко уживање.“

За да ги одредат победниците, Роуд енд Трак ги возеа шесте финалисти во категоријата на затворена делница од Анџелес Крест Хајвеј, долга околу шест и пол километри. Шесте електрични модели со високи перформанси се возеа паралелно и по кривулести патишта, се оценуваа брзината, возните својства, сопирањето, издржливоста, комфорот, и најважното, какво спортско чувство тие поттикнуваат кај возачите.

При оценувањето се земаа предвид и времетраењето на полнењето на батеријата и потрошувачката на енергија. Финалистите беа поделени во две групи: Едната до 100.000 долари, другата над тоа.

Основата на Киа ЕВ6 ГТ ја сочинува наменската платформа Е-ГМП. Верзијата ГТ го црпи максимумот од платформата, со два електромотори (напред 160 киловати, назад 270 киловати) и погон на сите тркала, со батерија од 77,4 киловатчасови. Системската моќност изнесува 585 КС, вртежниот момент достига 740 њутнметри.

Пакетот го заокружува спортско подвозје со електронски контролирани амортизери, големи сопирачки дискови од 15 инчи напред и 14,2 инчи назад и гуми со високи перформанси Гудјир Игл Ф1. Во возењето може да се избере и „Дрифт модус“, при што се дозволува поголемо надуправување.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Road & Track Magazine (@roadandtrack)

Забрзувањето до темпо сто трае 3,5 секунди, брзината е ограничена на 260 километри на час. Просечната потрошувачка изнесува 20,6 киловатчасови на сто километри, што дава досег до 424 километри во просек, односно 546 километри во град.

Посебноста на платформата е 800-волтната мрежа, што на супербрз полнач овозможува батеријата да се наполни до 80% за 18 минути.

Киа ЕВ6 веќе е дел од редовната понуда на македонскиот увозник

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Сеат не планира да се откаже од марката

Шкода планира значително скусување на трошоците со агенцискиот модел на продажба