за

Seat Leon е автомобил на годината во Каталонија

Здружението на автомобилски новинари го избра Seat Leon за најдобар автомобил меѓу новитетите што се појавија на пазарот во текот на минатата година.

Повеќе од триесет новинари специјализирани за автомобилизам во различни медиуми во Каталонија годинава за прв пат го избираа најдобриот автомобил во минатите 12 месеци. Честа прв да ја понесе титулата на автомобил на годината во Каталонија му припадна на Seat Leon. Жирито оценуваше разни аспекти на новиот Leon, меѓу кои дизајнот, активната и пасивната безбедност, технолошката иновација, практичноста, сервисирањето и одржувањето, противвредоста, еколошката погодност и рециклирањето. По гласањето, Leon ги остави конкурентите Peugeot 308 и BMW i3 на второто и третото место.

Новата генерација на шпанскиот компакт е високо оценет од автомобилските експерти, а  тоа соодветно се рефлектира и во продажбата. Seat Leon во 2013 година се продаде во 103.000 примероци низ светот, што е 44 проценти повеќе во споредба со последната година на претходникот. Успехот на Leon придонесе и вкупната продажба на Seat да забележи раст од 10,6 проценти, со 355.000 возила, односно најмногу во последните пет години.

Во гамата на Leon моментно се нудат пет бензински мотори – 1.2 TSI со 86 и 105 КС; 1.4 TSI со 122 и 140 КС; 1.8 TSI со 180 КС – и исто така пет дизелски мотори – 1.6 TDI CR со 90, 105 и 110 КС; 2.0 TDI CR со 150 и 184 КС. Во следниот месец доаѓа новиот Leon Cupra, за прв пат достапен и во каросериска изведба со три врати, со 265 и 280 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Австриски весник тврди: Историскиот Porsche е фалсификат

Нов Land Rover Freelander пристигнува во 2015 година