Третиот модел во теренската офанзива на Seat нема да се произведува во Шпанија, туку во фабриката на матичната марка на концернот во Волфсбург. Тоа ќе биде прв модел на Seat од германска продукција.
Шпанската марка на Volkswagen можеби и не е толку шпанска колку што може да се помисли. Компактниот теренец Seat Ateca се произведува во Чешка, семејниот ван Alhambra пристига од Португалија, Toledo ја дели производствената лента со Skoda Rapid во Млада Болеслав, додека малечкиот Mii се произведува заедно со Skoda Citigo и Volkswagen Up во Братислава, Словачка. Тоа значи дека во фабриката на Seat во Марторел моментно се произведуваат единствено моделските семејства на Ibiza и Leon. Од 2011 година, и Audi Q3.
Третиот модел во теренската офанзива на Seat, што следи по Ateca и Arona, исто така нема да пристига од Шпанија, туку од фабриката на Volkswagen во Волфсбург. Тоа значи дека најголемиот од трите нови теренци на Seat ќе се произведува заедно со Volkswagen Golf, Touran и Tiguan. За изгледот на најголемиот свој теренец, Seat ќе се раководи според концептот 20V20. Овој модел според димензиите ќе биде помал од актуелниот Volkswagen Touareg.
Веста за преземањето на продукцијата на најголемиот теренец на Seat пристига само една недела по објавувањето на новата стратегија на Volkswagen под име „Пакт за иднината“.
















