Продолжува големата моделска офанзива на марките од концернот Volkswagen во сегментот на теренските возила. Seat в година ќе стартува со продажба на теренец со големина слична на Skoda Kodiaq. Тоа ќе биде трет теренски модел во понудата на шпанската марка, по компактниот Ateca и идниот Arona.
Моделската понуда на Seat ќе добие уште еден член. Шпанската марка продолжува со проширувањето на понудата во сегментот на теренците, коешто започна со компактниот Ateca. Третиот теренски модел ќе биде знаменосец на марката, односно ќе се позиционира над Ateca, достапен во изведби со 5 и со 7 седишта. Продажбата на моделот чиешто име уште не се открива ќе започне во 2018 година.
Пред лансирањето на големиот теренец, во втората половина од годинава во салоните на Seat ќе се појави Arona, компактен кросовер што ја користи платформата од неодамна претставената нова генерација на Ibiza и ќе се произведува во Марторел.
За разлика од Arona, големиот теренец ќе излегува од погоните на матичната фабрика на Volkswagen во Волфсбург, со цел за максимално да се искористи платформата MQB A2 што веќе се применува во фабриката.
Шефот Лука де Мео има големи очекувања од новиот теренец: „Овој модел ќе привлече нови клиенти, ќе го поттикне имиџот на нашата марка и ќе има големо влијание врз нашата способност да создаваме профит. Тој ќе биде дизајниран во Барселона и ќе се произведува во Германија.“
Најавата за новиот модел пристигна за време на објавувањето на финансиските резултати на шпанската марка. Seat лани ја имаше најдобрата деловна година во историјата, со оперативна заработка од 143 милиони евра. Четири од пет возила произведени во Марторел заминуваат за извоз во повеќе од 80 држави, низ продажна мрежа од 1.700 дилерства. Продажбата на Seat лани достигна близу 410.000 возила.
Од фабриката во Марторел излегуваат Ibiza и Leon, теренецот Ateca и Toledo се произведуваат во Чешка, ванот Alhamba пристига од Португалија, додека Mii се произведува во Словачка.
















