Овој „скутер“ со погрешно поставени тркала потсеќа неодоливо на оригиналната Vespa кога се гледа од напред, но од друг агол е сосема пристоен и модерен Segway. И пеколно скап.
Што не е во ред со оваа Vespa? Додека се приближува, таа изгледа исто како култниот италијански скутер, но откако ќе одмине се забележува дека возилото всушност е преправен Segway. Во секој случај, изгледот е погоден целосно и тоа би било една од причините зошто многумина би посакале да го поседуваат овој Scooter Zero.
Место грдиот панел на Segway, предницата ја краси оклоп во стилот на Vespa. Рачките на воланот исто така изгледаат верно на италијанскиот оригинал, а на тоа се надоврзува и задолжителното предно светло во истиот стил. Единствениот недостаток во однос на Vespa е во тоа што тука има место само за возачот. Се внимавало дури и на позицијата на возачот, за телото да биде навалено малку нанапред, заради поспортско чувство.
Суштината на целата замисла е во дизајнерскиот кит од производителот Bel & Bel од Шпанија, којшто се нуди за превозното средство Ninebot. Името Ninebot звучи познато? Во април минатата година, оваа кинеска фирма го реши спорот околу патентот со познатата марка Segway на мошне оригинален начин. Кинезите едноставно си ја купија фирмата, што и не претставуваше финансиски проблем, затоа што грб на Ninebot е гигантот Xaomi.
Основа на Scooter Zero е моделот ninebot E+. Дизајнерскиот кит служи само за разубавување, додека техниката останува неизменета – со исклучок на неколкуте дополнителни килограми во тежината. Заедно со китот, самобалансирачкиот скутер тежи 25 килограми, а крајната брзина е ограничена на 20 километри на час. Носивоста е 100 килограми, за погонот се задолжени два електромотора со моќност од по 1,35 киловати. Со полни батерии се минува меѓу 25 и 30 километри. Единствениот недостаток е цената: Шест илјади евра! Bel & Bel сепак се врвни дизајнери и нивниот труд мора соодветно да се награди.
















