Samsung влегува во автомобилската бранша со преземањето на Harman

Осум милијарди долари вреди зделката со којашто јужнокорејскиот гигант Samsung влегува на голема врата во автомобилската индустрија. Техниката на американскиот специјалист за електроника Harman досега е вградена во триесет милиони автомобили од 36 марки. Со купувањето на Harman, Јужнокорејците стануваат важен субјект во синџирот од добавувачи на производителите на автомобили.

Преземањето на американскиот концерн Harman му обезбедува на Samsung влез на голема врата во автомобилската индустрија. Јужнокорејците платија осум милијарди долари за специјалистот за електроника, кој две третини од прометот го постигнува во автомобилската бранша. Во голем број возила се вградуваат мултимедиски и навигациски системи од Harman, исто како и системи за асистенција и решенија за конективност.

Околу триесет милиони возила од 36 марки поседуваат техника од Harman. На овој начин Samsung добива директна врска со најголемите производители на автомобили, како и увид во идните технологии и во желбите на купувачите. Во моментов се води голема битка околу преземањето на клучната позиција во автомобилската електроника. Производителите на автомобили интензивно развиваат сопствени решенија, потиснувајќи ги Carplay и Android Auto, со кои гигантите Apple и Google се надеваа дека ќе заграбат голем дел од овој колач.

Samsung гради фабрика за батерии за електрични автомобили во Унгарија

Корејците имаат стратешка определба да ја зацврстат својата позиција во автомобилската бранша. Во септември, претпријатието SDI, коешто е огранок на Samsung, најави почеток на изградба на фабрика за производство на батерии за електрични автомобили во Унгарија. Од 2018 година, новата фабрика вредна 325 милиони евра ќе испорачува батерии за 50.000 електрични возила.

Harman моментно има налози од автомобилската бранша во вкупна вредност од 24 милијарди долари, а ги поседува и ценетите марки меѓу аудиофилите и професионалците, како Harman Kardon, Mark Levinson, Infinity, AKG и JBL. Како лидер на пазарот на телевизори, Samsung со овие аудио-марки ќе може да ја зацврсти својата конкурентска позиција и во однос на Sony.

Претходна објаваДевет беџови од тркачките болиди на Aston Martin по цена од 3750 фунти
Следна објаваФормула Е вози круг побрзо од лимузините во WTCC

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here