Физички копчиња, сертификат IP67 и отпорност при пад: Сето тоа овозможува Galaxy Xcover 3 да се користи безгрижно и во екстремни природни услови.
Samsung го претстави новиот паметен телефон Xcover 3, како модел со подобра заштита од атмосферски влијанија и потреси од обичните модели. „Авантуристичкиот“ модел комбинира привлечен дизајн и робусна изработка, изработен е според стандардот на американската војска MIL-STD 810G и според производителот издржува и падови до висина од 1,2 метар без да се оштети. Сертификатот IP67 е гаранција за непропустливоста на вода и прашина.

Ракувањето е преку физички копчиња за „дома“, „мени“ и „назад“, а дополнителното копче со име Xcover ја активира диодната светилка на телефонот при еднократно притискање, односно камерата што работи до еден метар под вода, кога копчето ќе се притисне двапати. Главната камера од задната страна има резолуција од пет мегапиксели, додека предната камера снима со два мегапиксела. Екранот има големина од 4,5 инчи, но резолуцијата од 800 х 480 пиксели некако доцни зад времето. Процесорот со четири јадра работи на 1,2 GHz, а на располагање му стои работна меморија од 1,5 GB. Батеријата е со капацитет од 2.200 mAh, тежината изнесува 154 грами.
Како оперативен систем се користи Android 4.4, но Samsung има план наскоро да понуди преоѓање на Android 5. Безбедносното решение Knox, познато од останатите модели од серијата Galaxy, инсталирано е во верзијата 2.2. Софтверот со којшто уредите може да се интегрираат во ИТ-мрежите во претпријатијата, ги дели податоците на службени и приватни.
Внатрешната меморија е со капацитет од осум GB, а со картичка microSD може да се прошири на 64 GB. Galaxy Xcover 3 подржува LTE 4, а поседува и висиномер, компас, GPS, Glonass, Bluetooth 4.0 и NFC. Производителот уште не излегува со детали околу цената.
















