за

Rolls-Royce ќе мора да ја зголеми продукцијата на електричниот модел

Нарачките што пристигаат за првиот електричен модел на Rolls-Royce се побројни отколку што се очекуваше. Spectre ќе испадне мошне профитабилен модел.

Rolls-Royce ќе мора да ја зголеми продукцијата за својот прв електричен автомобил Spectre, доколку нарачките продолжат да пристигаат со досегашната динамика.

На средба со новинарите во почетокот на месецов, извршниот директор на Rolls-Royce, Торстерн Милер Отвос, соопшти дека „бројот на нарачки за Spectre во моментов е многу подобар отколку што очекувавме“. Остануваат уште неколку месеци до почетокот на производството, но „доколку трендот продолжи, сигурен сум дека ќе мораме да ги приспособиме нашите планови“.

Испораките на Spectre, што го заменува Wraith во понудата од модели со две врати на британскиот производител на ултралуксузни автомобили, ќе почнат во последниот квартал годинава.

Откако моделот беше претставен во минатиот октомври, Rolls-Royce ја пополни книгата со нарачки, којашто е полна за поголемиот дел од 2023 година, изјави Милер Отвос без да наведе поконкретни податоци.

Spectre ќе биде „третиот столб“ во продажбата на марката што е дел од групацијата BMW, покрај СУВ-моделот Cullinan и лимузината Ghost.

Cullinan учествуваше со околу половина во рекордната продажба на Rolls-Royce од 6.021 возила во 2022 година, додека Ghost учествуваше со околу 25 проценти, посочи Милер Отвос.

Најголемиот дел од возилата на Rolls-Royce се продаваат во Америка, со САД како главен пазар, каде што се пласираат околу 35 проценти од вкупната продажба на марката.

Spectre ќе чини околу 400.000 евра, со што ќе се позиционира меѓу Cullinan и знаменосецот Phantom.

Британците веќе открија дека автомобилот ќе постигнува досег до 520 километри, благодарение на големиот капацитет на батеријата, но и на врвната аеродинамичност на каросеријата.

Компанијата не го наведува точниот капацитет на батеријата за Spectre, туку само откри дека таа ќе тежи околу 700 килограми, што значи дека располага со далеку над 100 киловатчасови.

Spectre ја користи истата „архитектура на луксузот“, како што Rolls-Royce ја именува платформата што ја користат најновите модели на марката. Во развојот на платформата е предвидено таа да служи и како основа за модели со електричен погон. Целата моделска понуда на Rolls-Royce ќе биде електрична до завршетокот на 2030 година. Тоа ќе биде крај и за моторот V12 што ги движи моделите на марката.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ellectric (@weareellectric)

Милер-Отвос цени дека Spectre ќе биде исто толку профитабилен, како останатите модели. BMW не ги открива финансиските резултати на Rolls-Royce, меѓутоа Милер Отвос кажа дека неговите шефови во Минхен биле среќни со маржата што ја постигнува неговата компанија.

Просечната цена за нов Rolls-Royce во 2022 година се искачи на околу половина милион евра. Тоа е двојно повеќе отколку пред 10 години, посочува шефот.

Практично секој автомобил што излегува од фабриката во Гудвуд, изработен е според посебни барања на нарачателите, што ги зголемува и цената и профитабилноста.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На марката Alpine ѝ тргна продажбата, A110 останува до 2026

Рекордна дивиденда од 7.300 евра за вработените во Mercedes-Benz