за

На марката Alpine ѝ тргна продажбата, A110 останува до 2026

Француската марка што е дел од Renault, сака спортското купе Alpine A110 да го остави во производство колку може подолго, пред да стартува електричниот модел развиен од Lotus.

Alpine ќе го задржи компактното спортско купе A110 во својата понуда колку може подолго, веројатно до завршетокот на 2026 година. Побарувачката за моделот што има  долго историско наследство расте повторно, Alpine лани продаде повеќе примероци од A110, отколку што Porsche продаде од својот Cayman.

Alpine, спортската марка во групацијата Renault, го произведува A110 од 2017 година. Тоа е воедно и единствениот модел што Французите имаат да го понудат на пазарот.

„Ние петта година работиме на проектот, и нормално е да следи пад, меѓутоа ја зголемуваме продажбата“, изјави директорот Лорен Роси за медиумите.

Продажбата на A110 во минатата година се зголеми за 33 проценти, на вкупно 3.546 примероци. Главнината дел од продажбата се остварува на европскиот пазар. Поголемиот дел од производството за 2023 година, веќе е резервирано.

„Ќе го продолжиме животот на тековниот модел колку може подолго, за да ја амортизираме инвестицијата и да го искористиме нејзиниот успех колку можеме подолго“, изјави Роси.

Продажбата е „подобра од очекуваното“, дури и за претходното раководство на Renault, коешто го одобри проектот во средината на 2010-те.

Продажбата достигна врв во 2019 година, кога беа испорачани 4.431 возила, но потоа продажбата опадна драстично во 2020 и 2021 година, поради пандемијата.

Основната моделска изведба на A110 претрпе незначителни промени откако стартуваше на пазарот. Моторот од 1,8 литар сепак доби повисока моќност. Постојат четири верзии: Основниот A110 има 252 КС, додека изведбите A110 GT, S и R располагаат со 300 КС. Цените се движат од 62.500 евра, до 105.000 евра за верзијата R со значително смалена тежина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Alpine Cars (@alpinecars)

Главен конкурент е Porsche 718 Cayman, којшто стартува од околу 61.000 евра во Франција. A110 го престигна Cayman во продажбата на европскиот пазар, со 3.260 примероци наспроти 2.596 примероци во 2022 година. Германците сепак ја имаат и родстер изведбата Boxster, од којашто се продадоа 2.364 возила.

Производството на A110 се одвива во фабриката на Renault во Диеп, којашто има капацитет за 6.000 возила годишно. Каросеријата е алуминиумска, а повеќето од споевите се изведени со индустриски лепила, место со класично заварување, заради намалување на тежината.

Концептот Alpine E-Ternite, којшто е целосно електрична верзија на A110, спринтува од место до темпо сто за 4,5 секунди. Тежината е поголема за околу 250 килограми, во споредба со бензинскиот модел. Досегот изнесува 420 километри. E-Ternite не е планирано да се пушта во производство.

Alpine и Renault не откриваат многу околу наследникот на A110, што се развива во соработка со Lotus Cars. Со богата традиција, британската марка е дел од групацијата Geely, со којашто Renault има партнерство за производство во Јужна Кореја. Кинеската групација ќе произведува мотори со внатрешно согорување заедно со Renault, во нов огранок што ќе биде именуван Horse.

Роси кажува дека наследникот ќе се појави „некаде во 2026 година“, но многу зависи од тоа колку тековниот модел ќе може да се задржи во производство.

Сé зависи од ограничувањата што ќе ги донесе претстојната норма Еуро 7, како и безбедносниот правилник GSR2. Малите производители од рангот на Alpine се посебно чувствителни на тие норми. A110 има класичен мотор, без електрификација, и користи систем за пречистување на издувот од PM-честички, како и останати сложени и скапи системи за контрола на емисијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Три модели на Kia шампиони во противвредност според американските новинари

Rolls-Royce ќе мора да ја зголеми продукцијата на електричниот модел