за

Rivian лани произвел близу 25.000 електрични пикапи и комбиња

Rivian во минатата година произвел 24.337 електрични возила од пикапот R1T Pickup, од кросоверот R1S, како и од доставното возило за Amazon.

За малку е пропуштено исполнување на планот за производство на 25.000 возила во 2022 година под знакот на марката Rivian. Како причина за неисполнувањето на целта се наведуваат проблеми во синџирот за снабдување и бавниот старт на фабриката во Нормал, Илиноис.

Американската стартап-компанија Rivian, специјализирана за електрични возила, во својата прва полна година произведе 24.337 возила. Производственото портфолио ги опфаќа пикапот R1T, кросоверот R1S и доставните возила за светскиот гигант во онлајн-трговијата Amazon. Колку примероци се произведени од одделните модели, не се наведува во извештајот.

Според првичните планови, компанијата лани требаше да произведе 50.000 возила. Меѓутоа, недостигот од клучни делови предизвика повеќекратно запирање на производствената лента и менување на плановите во средината на 2022 година. Компанијата со седиште во Ирвајн, Калифорнија, во минатата година испорача 20.332 возила, уште 4.000 возила се на плац.

Во четвртиот квартал беа произведени 10.020 возила. Надминувањето на проблемите со испораката на делови од добавувачите дозволи да се воведе и втора смена во производството. Така, во последното тромесечје се испорачаа 8.054 возила. За третиот квартал, во извештајот на Rivian се наведува дека компанијата има добиено преку 100.000 преднарачки за R1T и R1S, покрај повеќегодишниот договор со Amazon, за испорака на преку 100.000 доставни возила.

amazon elektricno kombe
amazon elektricno kombe

Rivian важи како една од најветувачките стартап-компании во светски рамки, чијашто вредност во одреден период беше проценета повисоко дури и од онаа на Ford, кога почна да се тргува на берзата со акциите на компанијата. Од ноември 2021 година, вредноста на акциите на Rivian е намалена за 87 проценти.

Пазарната вредност на Rivian во моментов изнесува под 15 милијарди долари, додека кусо по стартот на берзата достигна највисока вредност од преку 100 милијарди долари.

Во минатата година, фабриката 20 денови не работеше поради недостиг од компоненти, а други 50 денови затвораше порано, од истата причина. Дополнително и лошото време влијаеше за фабриката да биде затворена уште пет денови.

Иако официјалната цел не е исполнета, фабриката сепак произведе 25.051 возило. Уште 714 неиспорачани возила чекаат во монтажата, за да стигнат делови за нив и возилата да се комплетираат. Потоа претстои уште нагодување на геометријата на тркалата, вчиитување и проверка на софтерот, полнење на батеријата и бројни зафати и проверки пред возилата да ја напуштат фабриката.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Rivian (@rivianofficial)

Компанијата се соочува со проблеми од нередовното снабдување со компоненти, како и целата бранша. Планираната соработка со Mercedes-Benz, за производсрво на електрични доставни возила во Европа пропадна, а почетокот на производството на малите модели од семејството R2 во планираната фабрика од пет милијарди долари во Џорџија е одложено за 2026 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz 600, 230 SL, C-Class: Бројни јубилеи во 2023 година

Alfa Romeo Tonale ѝ донесе пресвртница на миланската марка