Дури и најкреативните замисли од дизајнерските одделенија на производителите на автомобили изгледаат здодевно покрај визиите на Швајцарецот Франк Риндернехт. Негова последна креација е Rinspeed Oasis, како еден вид предимензиониран паметен телефон, со фотелја и софа како прибор, кој сосема случајно има и тркала. И претставува сензација.
Кога станува збор за иднината на автомобилизмот, веројатно не постои човек што има поточни визии од Франк Риндернехт и неговата сонувачница Rinspeed. Секоја година Швајцарецот ги прикажува своите последни визии на салонот во Женева. Во меѓувреме, автомобилизмот поаѓа по изменети патишта и Rinspeed повеќе внимание му посветува на саемот на електроника во Лас Вегас.
Во следниот месец, таму ќе пристигне Oasis, последниот концептен автомобил од швајцарската работилница, којашто меѓу другото работи и на тјунинг на Porsche. „Оаза“, затоа што Хер Риндернехт ја гледа околу себе бесмисленоста, во забетонираните градски средини да преживуваат само големи теренци, тешки неколку тони. Неговиот Oasis е чиста спротивност, малечок и подвижен автомобил – со вистинска мини-градина под ветробранот. Со мала доза швајцарски хумор, тоа се нарекува „mobile urban gardening“.
Двоседот со големи површини под стакло изгледа како современа интерпретација на роботската ѕвезда од „Војната на ѕвездите“, R2D2. Специјална техника од добавувачот ZF, со електромотори
вградени веднаш покрај тркалата и со голем агол на завртување на тркалата, Oasis може да заврти речиси во место. Не отсуствува ниту „torque vectoring“, односно различна распределба на вртежниот момент меѓу одделните тркала.
Oasis е 23-от концептен автомобил од Rinspeed
Rinspeed не пропушта да го исмее Google Car, когошто го смета за „сив глушец“, а својот Oasis го гледа како возило од следната генерација. Швајцарците имаат право да критикуваат, Oasis сепак е нивниот 23-ти концептен автомобил.
За градината: Во вистинската почва во површината од кокпитот под ветробранот се препорачува одгледување ротквици, а може да се негува и бонзаи. Има дури и малечка саксија за понесување надвор од возилото. Хер Риндернехт вистински го осмислил просторот во кабината како дом, со фотелја, софа и ТВ. Соодветно се избрани и материјалите, претежно кожа, некаде и волна – па и дрвен под!
Воланот се претвора во тастатура или масичка
Врската со светот се одржува преку последната технологија на Harman, со сите можни онлајн-услуги и со 5K-дисплеј, секако заоблен. Ракувањето е преку говорни команди или гестикулација. Воланот се преклопува во еден потег и се претвора во тастатура или површина за одлагање. По потреба или расположение, Oasis може да послужи и како мобилна канцеларија.
За Rinspeed сето тоа не е доволно. Ветробранот служи како површина за проектирање на виртуелна или проширена реалност, со холографски ласерски проекции. Премиерата на Rinspeed Oasis е во јануари на саемот за електроника во Лас Вегас, а неколку денови подоцна следи и салонот во Детроит.
Rinspeed Oasis
- Должина 3.602 mm
- Ширина 1.917 mm
- Висина 1.517 mm
- Меѓуоскино растојание 2.360 mm
- Тежина 1100 kg
- Погон 2 електромотора x 40 kW
- Агол на завртување на тркала / Круг на вртење 70o / 6.750 mm
- Вретежен момент 2 x 45 Nm
- Погон на задна оска
- Батерија 12kWh LiFePO4
- Крајна брзина > 130 km/h
- Забрзување 0-100 km/h за 9,7 s
- Досег 100 km
- Каросерија со композитна структура и челична шасија
- Број на патници 2
[FAG id=26650]

















