Renault Twingo: 20 години млад!

Twingo одбележува 20-годишнина. Моделот предизвика огромно внимание со дизајнот, необичниот концепт и забавниот карактер, постигнувајќи продажба од 2,5 милиони примероци.

Во 1989 година Renault му даде налог на шефот за развој Ив Дубре да конструира автомобил што ќе биде компактен, штедлив и комфорен, без притоа да ги разниша темелите на големата сестра Clio. За разлика од конкурентите, Twingo се нудеше во само една моделска изведба со 1,2-литарски бензинец со 55 КС и со едно ниво на опрема. На тој начин меѓу другото се постигна и ниската цена на моделот. Изборот на бои исто така беше ограничен. Во почетокот Twingo се нудеше во сина, црвена, зелена и жолта боја. Од дополнителната опрема можеа да се изберат само клима уред и платнен покрив.

Оригиналноста на малечкиот Renault беше во моноволуменската каросерија, која овозможи максимално искористување на просторот и пристојна големина на кабината, гледано во однос на должината на возилото. Во тој момент не постоеше друг модел во класата со повеќе простор во кабината, благодарение и на лизгачката задна клупа. Покрај тоа, сите четири седишта се соборуваа – Twingo се претвораше во спална соба.

Хронологија на Renault Twingo:

Март 1993: Комерцијализација, а неколку месеци подоцна и премиера на салонот во Париз

1994: Французин извозе 240.000 километри низ австралиската дивина, докажувајќи ја издржливоста на Twingo

1994: Почеток на продажба на Twingo Easy со полуавтоматски менувач

1996: Специјални серии во ограничен број примероци Benneton и Matic, со тристепен автоматски менувач и посилен мотор со 60 КС

1998: Прв фејслифт со модификации во подвозјето, седиштата, кокпитот, светлата и предниот браник. Renault ја понуди и ограничената серија Elite

1999: Луксузна верзија Initiale Paris

2000: Модел 16V со мотор со 75 КС и роботизиран менувач

2005: Ограничена серија Kiss Cool

28 јуни 2007: Произведен е последниот Twingo од првата генерација во Европа, со 2.075.300 продадени примероци во 14 години

2012: Twingo продолжи да се произведува во Колумбија до 2012 година. На локалниот пазар моделот се продаде во повеќе од 100.000  примероци. Последната специјална серија е Twingo Tatoo

Претходна објаваШефот на PSA Peugeot Citroen се откажа од милионската пензија
Следна објаваVolkswagen ги научи Американците да возат дизел