Renault ја обновува својата страст кон мотоспортот со R.S. 01, тркачки автомобил со спектакуларен изглед и врвни перформанси. Со 500 КС и карбонска школка, R.S. 01 вози преку 300 km/h.
Од следната година, Renault Sport R.S. 01 ќе биде една од ѕвездите во светската серија на Renault во новиот шампионат Renault Sport Trophy, како влезница во професионалните тркачки шампионати. Исто како сите други возила дизајнирани под режија на Лоренс ван ден Акер, R.S. 01 особено го акцентира логото на марката, кое што доминира во носот на возилото. Импресивната ширина од точно два метри, при висина од само 1.116 mm е нагласена со диодни дневни светла коишто се позиционирани над каналите за ладење на сопирачките. Воздухот се вовлекува во средината на маската и се води до двата ладилника за вода, за топлината на крајот да се испушти низ каналите во хаубата. Притоа се создава потисок којшто дополнително притиска врз предната оска.
Страничната силуета е препознатлива по темната површина што се протега од светлата до задните канали за воздух, со форма што е карактеристична за спортските болиди со мотор назад. Основата на дизајнот потекнува од концептниот автомобил DeZir, когошто Французите го претставија во 2010 година. Поважно од изгледот во овој случај е аеродинамиката да функционира одлично: При 300 km/h, воздухот притиска со 1,7 тон врз каросеријата на R.S. 01, што е вредност споредлива со болидите во Formula Renault 3.5.
Карбонот е неизоставен материјал за изработка на школките на тркачките болиди, па ниту овој не е исклучок – тежината на возилото подготвено за трки е под 1.100 килограми. Дизајнот и изработката на шасијата се дело на италијанскиот специјалист Dallara. Моторот V6 од 3,8 литри потекнува од Nismo, конкретно од Nissan GT-R. Турбонатполнењето создава притисок што е доволен за моќност од преку 500 КС и вртежен момент од преку 600 њутнметри. За преносот на сила е задолжен седумстепен менувач со секвенцијална контрола и со фиксни преносни односи за сите патеки, но со можност за избор на степенот на блокирање на диференцијалот.
За водењето на тркалата се применува конвенционалниот систем, со двојни триаголни водилки, во комбинација со амортизери Ohlins, со повеќе степени на дотерување. Сопирачките дискови од 380 mmсе изработени од карбон и во нив „гризат“ шестклипни сопирачки клешти. Како редовен партнер на Renaultво мотоспортот, Michelinизработи специјални пневматици за новиот тркач, со пречник од 18 инчи.
Како организатор на автомобилски трки веќе 40 години, Renault Sport влегува во нова фаза со Renault Sport R.S. 01. Новиот тркач ќе им овозможи на талентираните млади возачи да добијат отскочна даска за преоѓање во повисоките категории на мотоспортот, преку докажување во шампионатот Renault Sport Trophy којшто ќе стартува следната година.
















