Извршниот директор на групацијата Рено, Лука де Мео, креатор на стратегијата, за работењето со милијарди во загуба да се претвори во рекорден профит во автомобилската бранша, на 15-ти јули ќе го напушти шефовското место и ќе им се посвети на „нови предизвици надвор од автомобилскиот сектор“, соопшти производителот на автомобили.
Де Мео ќе продолжи како извршен директор во Керинг, откако францускиот милијардер Франсоа Анри Пино, чијшто фамилијарен холдинг Артемис го поседува Керинг, реши компанијата во иднина да има посебен претседател и посебен извршен директор, објави Ле Фигаро.
Меѓу марките на Керинг се Гучи, Сен Лорен и Баленсиага
Управниот одбор на Рено ја отпочнал постапката на назначување нов извршен директор, стои во соопштението од 15-ти јуни, „врз основа на претходно дефинираниот план за избирање наследник.“
Претседателот на групацијата Рено, Жан Доминик Сенард, порача во соопштението дека во времето на Де Мео, „нашата компанија се врати на здрави основи, разви импресивна понуда одмодели и продолжи со напредокот.“
Де Мео, 58, цени дека зад себе оставил „трансформирана компанија“ и дека „ќе го користам своето искуство во други сектори и ќе се впуштам во нови предизвици.“
„Во животот доаѓаме до точката кога човек знае дека ја завршил работата. Во групацијата Рено, се соочивме со огромни предизвици за помалку од пет години! Го постигнавме тоа што многумина сметаа дека е невозможно,“ кажува Де Мео.
Скандалот со Карлос Гон и ковид-пандемијата оставија траги врз Рено
Де Мео, родум Италијанец, беше назначен за извршен директор во јануари 2020 година, по две турбулентни години за Рено, што следеа откако поранешниот извршен директор Карлос Гон беше приведен во Токио во ноември 2018 година, под сомневање за финансиска проневера.
Заминувањето на Гон откри постоење тензии што доведоа безмалку до раскинување на сојузот, иако забавената побарувачка на главните пазари уште пред тоа почна да влијае врз продажбата и добивката.
Де Мео пет години беше извршен директор на Сеат, марка на групацијата Фолксваген, пред да го преземе шефовското место во Рено. Тој стартуваше на новото работно место во јули 2020 година, наследувајќи ja привременaтa извршнa директоркa Клотилде Делбо, која ја извршуваше оваа функција по отпуштањето на Тјери Болор во есента 2019 година.
Во Сеат, тој ја подигна продажбата на рекордно ниво и на шпанската марка ѝ даде спортски имиџ, создавајќи ја подмарката Купра, наменета за помлади купувачи.

Работни места во Рено, Тојота, Фиат и Фолксваген
Назначувањето на Де Мео за извршен директор на Рено беше негово враќање во компанијата во којшто тој во 1992 година ја започна својата кариера во маркетингот.
По петте години во Рено, тој преоѓа во Тојота Европа како продукт менаџер за моделот Јарис и за марката Лексус. Во 2002 година, Де Мео почнува да работи во групацијата Фиат, каде што раководи со марките Алфа Ромео, Абарт и останатите марки на Фиат.
Нов работодавец во 2009 година е групацијата Фолксваген, каде што тој прво работи во маркетингот на марката Фолксваген, а потоа раководи и со маркетингот и продажбата во Ауди.
Роден во Милано, тој студира бизнис администрација на Универзитетот Бокони. Де Мео зборува и англиски, француски, германски и шпански јазик.
Италијанецот почна да работи во Рено, во времето кога во првата половина од 2020 година, производителот имаше загуба од 7,3 милијарди евра. Тој во интервјуата секогаш навердуваше дека прва задача ќе му биде да ја смени идната понуда од модели на групацијата.
За само шест недели, неколку модели престанаа да се произведуваат и беше забрзан развојот на Рено 5, малечок електричен автомобил во ретро стил, којшто стана еден од првите електрични автомобили од европско производство со достапна цена.

Со планот Ренолушн почна преродбата на Рено
Во рамките на својот план „Ренолушн“ Де Мео ги скуси времето на развој и трошоците за 40 проценти, на иницијатива на Жил Ле Борње, поранешен главен инженер на групацијата ПСА. Де Мео продолжи да го скусува времето на развој. Новата генерација на електричниот Твинго е развиена за само две години. Тоа е споредливо со брзината со којашто работат кинеските производители, посебно БИД.

Новата стратегија се разликуваше од претходната на Гон. Место да се оди на колку може поголемо производство, Де Мео го смени правецот и се реши за поголема заработка, односно преоѓање на поголеми и поскапи автомобили. Рено долго време постигнуваше успех со модели со ниска заработка, како Дачиа Сандеро и Рено Клио.
Де Мео почна да ја развива и марката Алпин. Место да се нуди само спортското купе А110, тој наложи развој на цела гама од модели. Шефот го обедини учеството на групацијата Рено во мотоспортот под заедничка капа на Алпин, вкчучувајќи ја Ф1 и трките во издржливост.
Голем удар следеше во 2022 година, откако Русија ја нападна украина. Тоа ги уништи плановите за соединување на марката Дачиа со Лада.
Проблем што остана нерешен е слабеењето на соработката со Нисан, каде што Рено порано поседуваше контролен удел од 44 проценти. Губитокот во Нисан доведе до постојано смалување на уделот на Рено.

Меѓу останатите потези на Де Мео се обновувањето на плановите на Рено за продажба во САД, избегнувањето на турбулентниот кинески пазар и подигнувањето на нивото на моделите на Рено на пазари како Латинска Америка или Средниот Исток. Индија и натаму е отворен предизвик, иако таму беа пуштени неколку нови модели.
Де Мео си заминува од Рено додека е во кулминација пуштањето во продажба на новите модели. Покрај Рено 5, којшто се продава од минатата есен, клучни нови модели на групацијата се електричниот СУВ-модел со ретро стил Рено 4, електричниот компактен СУВ Сеник, новата Дачиа Дастер и сосем новиот модел Бигстер, а секако и Алпин А390, електричен кросовер од средна класа, осмислен како знаменосец на целата групација и конкурент на електричниот Порше Макан.
Во 2021 година, Рено се врати во позитива, откако во претходната година имаше загуба од 8,1 милијарди евра.
Во 2024, Рено беше меѓу малкуте светски производители што ги надминаа прогнозите, со рекордна оперативна добивка од 4,3 милијарди евра. Оперативната маржа се зголеми на 7,6 проценти.
















