Рено месецов ќе започне со конструирање на подостапна изведба од својот електричен Твинго, дознава Ројтерс од извори. Намерата е производството да започне за две години. Францускиот концерн сака да се спротивстави на бранот на евтини електрични автомобили од кинеските производители.
„Замрзнатиот концепт“ за следната генерација на Твинго, како што се нарекува фазата кога се дава конечна потврда за клучните големини на возилото, се одржала во изминатата седмица. За тоа јавуваат два извори што се запознаени со случувањата во компанијата. Тие не го откриваат идентитетот, затоа што се работи за доверлив процес.
Ампер – огранок на Рено за електрични возила, сега почнува да ги избира добавувачите на компоненти за новиот модел, да изработува прототипи и да го организира производството, наведува еден од изворите.
Рено е посветен на предизвикот да го скуси времето за развој на нови модели, од стандардните пет години, колку што е вообичаено кај големите производители со долга традиција. Целосно електричниот Меган беше развиен за само четири години, додека за електричниот Р5, што почнува со продажба годинава, беа потребни три години.
За лансирањето на Твинго да се забрза, инженерите ќе го скусат бројот на делови за 20 проценти. За тоа да се постигне, ќе се користат стандардни делови и ќе се дава предимство на делови што веќе се достапни кај добавувачите. Тоа во минатиот месец го изјави Жил Ле Борне, шефот за технологија во Рено, за францускиот дневник Ле Ехос.

Трет извор, што исто така е запознаен со плановите за масовно производство на новиот Твинго во 2026 година, кажува дека моделот веројатно ќе се произведува во Ново Место, Словенија. Таму се произведува и тековната генерација на електричниот Твинго ЗЕ.
Во последните 30 години се произведени повеќе од 4 милиони Твинга, од бензинскиот и од електирчниот модел.
Кинеските производители, што се најголеми производители на електрични возила во светот, брзо се пробиваат на европскиот пазар и притисаат врз домашните големци, како Рено, да ги скусат трошоците и да го забрзаат развојот на новите модели.
View this post on Instagram
Кинеските производители на ЕВ го скусија времето за развој на нови модели на просечно 2,5 години, што е половина од времето потребно на традиционалните производители.
Европските концерни планираат да произведуваат помали ЕВ што ќе се продаваат по цена под 20.000 евра, за да им се спротивстават на кинеските марки, како што е БИД.
Фолксваген е можен партнер
Рено има намера да се здружи со останатите производители, за трошоците дополнително да се скусат. Французите преговараат со Фолксваген, за платформата на Твинго да се користи заеднички.
Овие преговори ќе продолжат да се одвиваат тековно, додека се работи на новиот модел, без разлика каков исход ќе имаат преговорите, соопштува еден од изворите.
Извршниот директор на марката Фолксваген, Томас Шефер, во март кажа дека германскиот производител бара опции за евтин ЕВ што ќе се лансира во 2027 година, вклучувајќи и соработка со партнери. Во следните месеци се очекува да се соопшти исходот и евентуално да се објави дека е постигнат договор.
















