за

Студија: Електричен автомобил секогаш е почист од бензинец или дизел

Противниците на електричните автомобили се сомневаат дека електричните автомобили се почисти од новите бензинци или дизели. Новата студија кажува многу јасно.

Toyota bZ4X · Мерење на градската потрошувачка на електричен автомобил
Електричното е почисто, без разлика како се гледа на нештата. До тој заклучок дојде консултантската компанија Блумберг НЕФ при анализа на најразлични сценарија.

Студија спроведена од консултантската компанија Блумберг НЕФ доаѓа до неоспорен одговор на прашањето, дали електричните автомобили навистина се почисти за животната средина од новите автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Дали електричните автомобии навистина се толку чисти и пријателски кон животната средина, како што тоа често се тврди? Противниците на е-мобилноста веруваат во пресметките за вкупното загадување што еден електричен автомобил го оддава кон животната средина. Во некои случаи на примена, тие пресметки доаѓаат до резултат дека модерните мотори со внатрешно согорување се дури и „почисти“ од електричен автомобил.

Консултантската компанија Блумберг НЕФ од САД се впушти во анализа на овие студии на коишто се гледа со недоверба и дојде до неоспорен резултат во поглед на таканаречените емисии во цел животен циклус: Аналитичарите испитуваа бројни случаи на примена, со најразлични конфигурации од батерија, суровини за батеријата, потеклото на струјата и трајноста, и дојдоа до заклучок. Во ниту еден случај, автомобил со мотор со внатрешно согорување не е почист за животната средина од споредлив електричен автомобил.

„Електричните автомобили во сите истражувани случаи имаат пониска емисија во целиот животен циклус од автомобили со мотор со внатрешно согорување“, гласи заклучокот на Блумберг НЕФ. „Колку е пониска емисијата, зависи од тоа колку брзо се вози и колку мрежата од којашто се напојуваат возилата користи струја со ниска емисија на ЦО2.“

Производството на електричните автомобили повеќе влијае врз животната средина

Аналитичарите појдоа со став дека електричните автомобили во почетокот од својата експлоатација имаат повисока емисија на ЦО2 од споредливи автомобили со мотор со внатрешно согорување (МВС). Тоа е условено првенствено со производството на батеријата. Откако ќе се произведат, електричните автомобили со секој поминат километар освојуваат по еден „еколошки бод“ и надоместуваат за тоа што производството е поврзано со повисока емисија на ЦО2.

Прашањето е во кој момент електричните автомобили се исти со автомобилите со МВС во поглед на загадувањето на животната средина. Тоа зависи од условите. Блумберг ги разгледуваше условите во САД, во Германија, Кина, Јапонија и Велика Британија.

Заклучокот: „На сите овие пазари, емисиите на ЦО2 во цел животен циклус на денес произведен батериски електричен автомобил од средна класа, сметано на 250.000 километри, пониски се за 27 до 71 проценти од споредливо возило со МВС.“

Електричните автомобили во САД побрзо стануваат „почисти“ отколку во Кина

Најмногу зависи од тоа како се произведува струјата за електричните автомобили. Возачи во САД постигнуваат „нерешено“ уште при 41.000 километри. Тоа е поврзано со високиот удел на струја произведена во нуклеарни централи.

Наспроти тоа, во Кина треба да се поминат 118.000 километри, затоа што струјата произведена во Кина во најголем дел потекнува од термоцентрални што работат на јаглен.

За натамошниот развој е важна забелешката дека овој „еколошки праг“ ќе се намалува сé повеќе, благодарение на напредокот кај батериите и нивното почисто производство. Тоа значи дека електричните автомобили во иднина ќе треба да минат сé помал пат, за да постигнат помал еколошки отпечаток од автомобил со МВС.

Блумберг НЕФ очекуваат дека електричен автомобил во 2030 година ќе биде во предимство пред модерен автомобил со МВС по една до четири години експлоатација.

Контроверзното ноќно полнење

Врз ЦО2-отпечатокот на еден електричен автомобил, не влијае само потеклото на струјата, туку и времето во коешто се полни. Дистрибутерите во моментов ги наградуваат своите корисници, да користат струја во ноќните часови, кога е смалена потрошувачката.

Но, тогаш честопати е послаб ветрот и нема директно производство на струја од сонцето. Според тоа, Блумберг НЕВ со својата студија посочува дека корисниците на ЕВ ноќе користат повеќе енергија од фосилни горива.

Бројни експерти го оспоруваат овој став, затоа што денес постојат сé повеќе начини за акумулирање на енергијата. Но, и покрај овој товар за е-мобилноста, анализата заклучува дека ЕВ секогаш се позелени од возилата со МВС.

Иднината за електричните возила е сé позелена

Во перспектива, електричните автомобили според студијата ќе продолжат значително да го смалуваат својот ЦО2-отпечаток. Наспроти тоа, кај возилата со МВС што користат фосилни горива, отпечатокот нема да се менува, односно може да се смени само малку преку подобрени методи на производство.

Значителна улога ќе има и рециклирањето на батериите, ценат аналитичарите. Производството на батери во Европа или во САД, место во Кореја, Јапонија или Кина, исто така ќе придонесе за смалување на ЦО2-отпечатокот, затоа што се скусува патот на транспортот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

БМВ ќе соработува со индиска Тата, денес моќта е во софтверот

Рено почна со развој на новиот Твинго, ривал на евтините електрични коли од Кина