
Шестата генерација на Рено Клио беше меѓу главните премиери на салонот ИАА во Минхен есеноска. Бестселерот стана поголем, дигитализиран и со дизајн што сосем се разликува од претходното Клио.
Рено Клио е големо име на автомобилската сцена уште откако првата генерација ја направи големата револуција во споредба со Рено 5 во 1990 година. Во првото полугодие од 2025, Клио беше најпродаван автомобил во Европа. Новинарите двапати го избираа за автомобил на годината, еднаш во 1991, потоа во 2006 година. Со преку 16 милиони возила досега, тоа е најпродаваниот француски автомобил во историјата.
Тоа се главните историски одлики на моделот со чија што рана премиера на македонскиот пазар, повторно изненади Аутомотив Груп. Токму тие успеси им дадоа храброст на „Креаторите на автомобилот“ да појдат во сосем различен дизајнерски правец во споредба со „Клио Петка“.
Но, тие успеси претставуваат и обврска, Клио мора да се докаже пред конкуренцијата, вклучувајќи ги новите кинески напаѓачи, но и фактот што одреден круг купувачи на класично скроен градски модел сé почесто фрла поглед кон Б-СУВ моделите. Причината зошто бројни купувачи пак се решаваат за класична „приземна“ комбилимузина е очигледна. Клио е убава и различна.
Во поглед на техниката, хибридот е сеприсутен во понудата од погонски единици, кокпитот е дигитализиран, достапни се вкупно 29 системи за асистенција.
Новото Клио е поголемо и повпечатливо
Клио пресекува со стариот дизајн на Рено и повлекува во нов правец. Изгледот е многу посамоуверен, посодржаен и подинамичен од кога било досега во историјата на моделот, но автомобилот пак останува Рено. Му прилега.
Напред и назад се забележуваат досега невидени потези. Во салон велат дека „предните светла се како кај мотоцикл“. Задните светла исто така отстапуваат од секаква шема. Хаубата е подолга, маската е како кај британски гран туризмо, дневните светла долу се како бумеранзи.
View this post on Instagram
Меѓуоскиното растојание порасна незначително, за одвај сантиметар. Динамиката ја создава покривот што се чини како да е пониско од порано. Рено секако дека претходно го испроба овој изглед, со студијата Амблем во 2024 година. Линијата на страничните прозорци се искачува јасно и од одредена точка на гледање се чини како да преоѓа директно во задното стакло, како да не постојат задни столбови. Личи на купе. Рачките во задните врати уште одамна се сокриени во прозорците.
Во должина, новото Рено Клио порасна 67 милиметри (4.116 мм), во ширина се 39 милиметри (1.768 мм), и иако се чини спротивното, порасна и висината за 11 милиметри (1.451 мм).
Првиот примерок од новото Клио во салон пречекува со тркала од 18 инчи, коишто се опција наспроти стандардните тркала од 16 инчи. Тоа што го напоменуваат во салон е токму бојата. Оваа Апсолут-зелена металик боја е заштитна боја на новото Клио и се добива без каква било доплата. Уште една нова боја меѓу седумте во избор е Апсолут-црвената.
Работната средина е сменета од корен. Површините имаат свеж релјеф, на неколку места е додадено платно, па дури и алкантара. Играта со светлото во Рено продолжува и во новото Клуо. Прво се забележуваат диодните светилки во кабината кај салонскиот примерок, а Рено понатаму наведува дека може да се избира меѓу 48 бои за осветлувањето.
Возачкиот и средишниот екран имаат пречник од по 10,1 инчи, односно по 25 сантиметри. Јасно се гледа дека средишниот дисплеј е завртен кон возачот. Воланот е мал, а вообичаено за Рено, преносниот однос во управувањето е сксуен и место 3,3 вртежи од крај до крај, тука има 2,5 вртежи. Тоа е практика што во Аутомедиа ни е позната од тестовите на Меган Е-Тек и Рено 5 Е-Тек. Секако, во Рено не смее да недостига прекинувач Мулти Сенс на воланот.
Багажникот располага со зафатнина од 391 литри и има товарен раб што е четири сантиметри пониско од претходно.
Во поглед на дигитализацијата, во Клио работи нов инфо-забавен систем ОпенР линк. Тој опфаќа Гугл Мапи, говорна асистенција Гугл, секако и Гугл Плеј. Телефон се поврзува без кабел, во поскапите нивоа следи безжичен полнач. Опција е аудио систем Харман Кардон со моќност од 410 вати и пет профили на звук. Не се спомнува дали легендата на електронската музика Жан Мишел Жар учестуваше и во „музиката“ на Клио. Преку апликацијата Мој Рено може да се види каде се наоѓа возилото во моментот.
Најсилниот погон е хибрид и нуди 158 КС
Клио стартува со избор од два мотори. Основниот мотор е трицилиндарец со 115 КС, заедно со 6-степен рачен менувач. Опција е автоматски менувач со двојна спојка.
Вториот избор е хибрид, класичен со 158 КС. Моторот сега е 1,8-литарски и работи со два електромотори. Преносот на сила е изведен сосем различно и во основа префрлува меѓу два преносни односи за електромоторот и 4 за бензинецот. Вкупно има 15 степени на пренос! Според Рено, вакво Клио минува до 80 проценти од вообичaена градска тура во електричен режим.
Цените во моментов не се објавени, исто како и достапноста на моделските изведби, меѓутоа е сосем разбирливо што Аутомотив Груп реши без какво било одолговлекување да го изложи моделот во салон. Има доволно „приказна“ во ова Клио и македонската сцена ја сака оваа машина.















