Европските добавувачи се префрлуваат на производство на воена техника

Европските производители на делови за фабриките за автомобили, соочувајќи се со потешкотии, сé повеќе се свртуваат кон воениот сектор, поради тоа што долготрајната криза во производството на автомобили им притиска врз приходите и врз маржата.

Шефлер соработува со компанијата за одбранбена техника Хелсинг во изработката на делови за воени дронови. (Слика: Helsing)

Моќни компании, вклучувајќи ги Роберт Бош, ЗФ, Шефлер, Мале, Вебасто и Фројденберг, сопштија дека планираат да ги прошират своите активности што се насочени кон воена и одбранбена техника, како резултат на зголемената побарувачка откако Европа почна да троши повеќе пари за безбедност.

Шефлер меѓу првите презеде чекор во таа насока. Германскиот добавувач во ноември потпиша стратешко партнерство со стартапот за дронови Хелсинг. Договорот предвидува Шефлер да произведува клучни електронски делови за дроновите што ги изработува Хелсинг. Според Шефлер, тоа ќе го зајакне нивното место на пазарот на одбранбена техника.

Трумпф, добавувач на ласерски системи што се користат за производство на каросерии за возила, батерии и компоненти, исто така сака да се вклучи во одбраната. Германската компанија планира, во соработка со Роде унд Шварц, да развие систем против дронови, што за неколку секунди ќе ги уништи малите летечки објекти. Извршната директорка Никола Лајбингер-Камулер изјави дека ја донела одлуката поради долготрајната геополитичка неизвесност и нагласи дека системите ќе се користат строго за одбранбени цели.

Овие промени се случуват во време кога европскиот сектор на добавувачи се наоѓа под финансиски притисоци. По шест години во нарушени услови, еден од секои пет добавувачи е западнат во неизвесна финансиска состојба, стои во извештајот на Делоjт.

Наспроти тоа, се вложува сé повеќе во одбраната. Мекинзи предвидува дека европските членки на НАТО, до 2030 година ќе ги удвојат своите трошоци за воена опрема, на околу 335 милијарди евра, во споредба со 170 милијарди евра во минатата година.

Валмет ќе произведува тенкови место автомобили Порше

Најголемата транзиција се одвива во Финска, каде што производителот по договор Валмет Аутомотив се подготвува да започне со производство на оклопни возила, во фабриката во којашто некогаш се произведуваа модели на Сааб, Порше и Мерцедес-Бенц. Се очекува производството на оклопни возила да започне годинава.

Префрлувањето на одбрана е решавачки чекор за Валмет, откако автомобилските концерни почнаа да го враќаат производството во сопствените фабрики, коишто останаа со неискористени капацитети. По завршувањето на производството на Порше 718 Кајман и Бокстер, како и на Мерцедес А-Класа, единствен модел што остана во производство во Валмет е Мерцедес-АМГ ГТ со 4 врати. Фабриката располага со капацитет за 100.000 возила годишно.

Компанијата планира да продолжи со производство на патнички возила, меѓутоа неуспешните партнерства со стартап-компаниите и немањето договори со кинеските производители на автомобили, оставија голема празнина во производствените капацитети на финската фабрика.

Валмет потпиша договор за соработка со финската групација за воена техника Патриа. Сериското производство на оклопни возила треба да започне во второто полугодие од 2026. Исто така е потпишана соработка со компанијата Сису Ауто, за воени возила и делови за нив. Со овој договор се отвори капацитет за 300 возила годишно, на коишто ќе работат 300 лица.

Бош и ЗФ постапуваат внимателно

Иако одбранбената техника и производството на автомобили се поклопуваат во бројни производствени процеси, падот со којшто се соочува автомобилската индустрија не може да се надомести само преку нејзиното вклучување во одбраната. Така цени Бјорн Хагеман, виш партнер во Мекинзи и експерт за воздухопловство и одбрана.

Тоа објаснува зошто некои добавувачи се многу повнимателни и реагираат порезервирано од Шефлер и Валмет.

Извршниот директор на Бош, Штефан Хартунг, кажа дека одбраната не е стратешки фокус.

ЗФ Фридрихсхафен веќе е активен во производството на менувачи за одбранбената техника, но оттаму доаѓа само 1 процент од приходите. Извршниот директор Матијас Мидрајх кажа дека тој сектор е „поле од интерес, но тој никогаш не може да го достигне обемот на автомобилскиот бизнис.“

Претходна објаваОпел Грандленд на снег, електричен и со погон на сите тркала
Следна објаваНово во салон: Клио навистина е Ренолуција

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here