Групацијата Рено го назначи ветеранот во компанијата, Франсоа Провост, за нов извршен директор на местото на Лука де Мео, кој си даде отказ во почетокот на јули, за да раководи со Гучи, една од марките во сопственост на Керинг.
Провост, 57-годишен, од октомври 2023 година директорува со набавката, партнерствата и со односите со јавност. Тој ќе ја преземе новата функција на 31-ви јули и ќе остане на таа функција во следните четири години, сооошти Рено на 30-ти јули.
Назначувањето на Провост следи по само неколку недели откако компанијата издаде предупредување до инвеститорите за прогнозираниот профит, поради забавената побарувачка на европскиот пазар, како и поради растечката конкуренција од кинеските марки и падот во профитабилниот бизнис со доставни возила.
Иако предупредувањето е поблаго во споредба со конкурентите што повеќе се изложени на последиците од царините во САД, тоа укажа дека на традиционалните европски производители на автомобили им претстои тежок период.
„Групацијата Рено користи придобивки од силните темели, со посветени тимови, со исклучителна понуда од модели, силни марки и иновативен модел на организација,“ порача Провост во соопштението. „Тоа ќе бидат непроценливи вредности, додека ја забрзуваме нашата трансформација во средина што станува сé попредизвикувачка.“
Провост важеше како еден од првите кандидати за замената на де Мео, кој по преземањето на функцијата во јули 2020 година успеа да ги запре огромните загуби и да го претвори Рено во произвоител со рекордна добивка. Меѓу останатите кандидати беа извршниот директор на марката Дачиа, Денис Ле Во, потоа Максим Пика, директор за набавки во соперничкиот концерн Стелантис, како и извршниот директор на марката Рено, Фабрис Камболив.
Рено ќе ги објави резултатите од првото полугодие на 31-ви јули.
„Благодарение на својата експертиза и познавањето на компанијата, ќе можеме да ја заокружиме имплементацијата на нашиот стратешки план, да ги одредиме точките за следниот план и да обезбедиме успешно извршување,“ порача во соопштението претседателот на групацијата Рено, Жан Доминик Сенар.
Провост наесен веројатно ќе го објави следниот срееднорочен стратешки план на Рено, наречен Футурама. Матичната марка Рено завршува со освежувањето на понудата од модели коешто отпочна за време на де Мео. Неговиот прв план како извршен директор беше да се смени понудата од модели и да се забрза развојот на клучните модели, вклучувајќи го електричниот градски модел со ретро стил Рено 5 и електричниот Рено 4, исто така во стил на легендарниот Р4.
Де Мео го постави фокусот на Рено кон модели од компакт и средна класа, коишто носат поголема маржа, ги лансираше моделите Аустрал и Рафал, го трансформираше некогашниот миниван Еспас во СУВ од средна класа, а од компактниот минуван Сеник направи електричен СУВ.
Во исто време, буџет марката Дачиа направи чекор кон повисоките класи и сите свои модели ги префрли на современата платформа ЦМФ. Останува предизвикот Романците да ја електрифицираат својата понуда, а притоа со цената да останат неколку илјади евра под конкуренцијата.
Кој е Франсоа Провост?
Провост во своите 23 години во групацијата Рено работеше во најголем дел зад сцената, со обемни познавања за прекуокеанските пазари и со постојано унапредување.
За време на неговото раководење со партнерствата, Рено и кинески Џили го основаа Хорс Пауертрејн, заедничка компанија што развива и произведува мотори со внатрешно согорување. Сауди Арамко поседува 10 проценти од акциите во Хорс.
Џили купи 35 проценти од акциите во фабриката на Рено во Бусан, Јужна Кореја, а двете компании имаат и ново партнерство во Бразил, за производство и продажба на возила со ниска и нулта емисија на штетни материи.
„Од Лисабон до Сеул, преку Москва и Шангај, тој прерасна во стратешки и искусен лидер, одигрувајќи клучна улога во воспоставувањето големи партнерства со светски играчи, како Нисан, Џили и Арамко,“ стои во соопштението од Рено за новиот извршен директор.
Според објавите на француските медиуми, де Мео имал голема доверба во Провост, а воедно и силни врски со француската влада, којашто поседува 15 проценти од акциите во Рено, исто како и инвеститорска поддршка.
Дипломец на прочуениот Еколе Полутехник и Еколе дес Минес во Париз, тој својата кариера ја започнува во француското министерство за финансии, за подоцна да стане француски министер за одбрана.
Тој се вработи во Рено во 2002 година, како бренд менаџер за продажба и маркетинг во Франција, а потоа во 2005 година стана директор на Рено-Нисан Португалија. Во 2008 година, следеше унапредување во потпретседател за стратегија и планирање, за во 2010 година да биде поставен за оперативен менаџер во Рено Русија.
Во 2011 година, тој стана извршен директор на Рено Самсунг Моторс, заедничка компанија во Јужна Кореја, за потоа во 2016 година да стане виш потпретседател за Кина. Една година подоцна, тој стана и претседател на тамошниот огранок за регионот на Азија и Пацификот.
Во 2019 година, тој станува претседател за пазарот во Кина, во следната година е именуван за виш потпретседател за интернационален развој и партнерства, со директна одговорност пред де Мео. Во 2022 година, Провост го презеде и раководењето со одделот за односи со јавност.
















