
Матичната марка Рено ја зголеми продажбата за 8,4 проценти и достигна 394.278 возила, Дачиа постигна раст од 1,1 процент и 308.957 возила, додека кај ексклузивната марка Алпин исто така има раст, со продадени 4.871 возила, што претставува раст од 89 проценти.
Позитивните продажни резултати следат по неколку денови откако групацијата Рено ги смали предвидувањата за профитот за годинава, под раководство на привремениот извршен директор Данкан Минто.
Продажбата на доставните возила на Рено имаше пад од 29 проценти, во време кога целиот пазар на доставни возила во Европа е 13 проценти во минус. Минто во минатата седмица соопшти дека пазарот на доставни возила забавил во изминатите неколку месеци, како последица од економската неизвесност. Конкурентот Стелантис исто така соопшти дека ослабнатата продажба на доставни возила влијаела врз профитот во првото полугодие.
Рено посочи дека продажбата на доставни возила е намалена поради заминувањето на достапниот модел Експрес, којшто е базиран врз Дачиа Докер. Друга причина е некомплетната понуда од модели во новата генерација на големиот ван Мастер.

Батериските електрични модели и хибридите ѝ носат раст на марката Рено
Батериските електрични модели учествуваат со 16 проценти во продажбата на марката Рено, што претставува раст од 57 проценти во споредба со првото полугодие лани. Најголема заслуга за тоа има новиот Рено 5. Хибридите учествуваат со 41 проценти во продажбата на Рено, што е раст од 36 проценти.
Продажбата на марката Рено во светот порасна за 2,7 проценти. Најголем напредок има на пазарите надвор од Европа, за што придонесоа новите модели, како кросоверот Кардиан. На пазарите надвор од Европа отпаѓаат 36 проценти од продажбата на марката.
Меѓу светските пазари со најголем раст се Мароко, со 48 проценти во плус, по лансирањето на Кардиан, потоа Јужна Кореја, со раст од 150 проценти, што е заслуга на Гранд Колеос, СУВ-модел од средна класа што е базиран врз модел на партнерот Џили, како и Аргентина, со раст од 97 проценти.
Големи очекувања има од лансирањето на подостапната изведба на Рено 5 што ќе чини 25.000 евра, како и од новиот целосно електричен СУВ-модел во ретро стил Рено 4.

Дачиа го задржа својот пазарен удел во време кога Европа се соочува со големи предизвици
Иако продажбата во Европа забележа мал раст, вкупната продажба на возила на Дачиа на светскиот пазар опадна 0,7 процент, на 356.084 возила. Директорот за продажба Франк Мароте посочи дека причина е тоа што Дачиа Дастер во Турција почна да се продава како модел на Рено.
Пазарниот удел на Дачиа во Европа не се смени и остана на 4,5 проценти.
Резултатите на буџет марката на Рено се мешани. Сандеро, најпродаваниот модел во Европа во првите шест месеци, има пад од 7.8 проценти. Шефот Мароте посочи дека целиот тој сегмент е во пад.
Пад во продажбата од 17 проценти има и кај компактниот кросовер Џогер, што според директорот Мароте е последица од намалениот интерес за сите сегменти што не им припаѓаат на СУВ-моделите.
За тој минус надоместува електричниот градски модел Спринг, којшто се враќа во форма и во освеженото моделско годиште постигна раст од 63 проценти, со продадени 16.000 возила. Новиот Бигстер, компактен СУВ, надмина 17.000 продажби. Повеќе од 70 проценти од купувачите на Бигстер претходно возеле автомобил од друга марка, напомена Мароте.
Тој соопшти дека Дачиа има поминато повеќе од половина пат до целта да продаде 700.000 возила годинава, наспроти 674.000 возила во минатата година.
Со понуда од модели што се меѓу најдостапните во своите сегменти, Дачиа се чини дека е чувствителна на новите соперници од Кина, меѓутоа Мароте цени дека повеќето кинески марки не се во ценовниот ранг на Дачиа, со исклучок на МГ, што е во сопственост на САИЦ.
„Будно го следиме успехот на кинеските марки, но само некои марки завлегуваат во територијата на Дачиа“, изјави шефот за продажба.
Тој напомена дека јапонските и јужнокорејските марки, што во изминатите неколку децении донесоа модели со достапна цена во Европа, само ги поттикнаа домашните марки да се приспособат и да останат успешни. „Свесни сме за тоа што се случува со Кинезите,“ вели Мароте. „Тоа ќе нé поттикне да се приспособиме и да се подобриме.“















