БИД ќе го одложи за 2026 година стартот на производството со полн капацитет во својата нова фабрика за електрични автомобили во Унгарија. Во првите две години, фабриката ќе работи под полниот капацитет, соопштија две лица што се запознаени со случувањата.
Кинескиот производител во исто време ќе подзабрза со пуштањето во производство на новата фабрика во Турција, каде што е поевтина работната сила. Еден од изворите наведува и дека продукцијата во турската фабрика ќе биде зголемена далеку над првичните планови.
Преселувањето на производството од Унгарија во Турција ќе биде горчлив залак за ЕУ, каде што се надеваа дека со царините за електрични возила ќе ги присилат производителите од Кина да вложат во отворање фабрики во Унијата и во работни места што се платени високо.
Фабриката на БИД од 4 милијарди евра во Сегедин, на југот на Унгарија, ќе започне со големосериско производство во 2026 година, но за една година ќе произведе само неколку десетици илјади возила, наведуваат изворите.
Тоа ќе биде само еден мал дел од првично планираната продукција од 150.000 возила годишно. Намерата беше продукцијата понатаму да се зголеми на 300.000 возила годишно.
Трет извор исто така потврди дека продукцијата ќе забави.
БИД најави дека ќе започне со производство во Сегедин во октомври, но не наведе кога ќе започне големосериското производство. Продукцијата во Сегедин ќе се зголеми во 2027 година, но и натаму ќе биде под планираниот капацитет, соопштуваат изворите.
Во меѓувреме, фабриката од 1 милијарда евра во Турција, којашто требаше да започне со производство кон завршетокот на 2026 година, со капацитет за 150.000 возила годишно, во следната година ќе произведе повеќе возила отколку фабриката во Унгарија, вели еден од изворите.
Продукцијата во фабриката во Маниса, во западна Турција, ќе надмине далеку над 150.000 возила во 2027 година, за во следната година БИД повторно да ја зголеми продукцијата.
Кинескиот производител БИД бара начини да ги избегне царините на ЕУ
БИД ја гради фабриката во Унгарија со намера возилата да ги продава во Европа без царини. Сите модели што во моментов се продаваат во Европа се од кинеско производство и подлежат на казнена царина за електрични автомобили, што се пресметува дополнително на стандардните 10 проценти царина. За БИД, одредена е царинска стапка од вкупно 27 проценти.
Повеќето од автомобилите што ќе се произведат во новата фабрика во Турција исто така ќе бидат наменети за Европа и нема да се соочуваат со царини при извозот во ЕУ.
Преоѓањето на поевтиното производство во Турција посочува на предизвикот со којшто се соочуваат кинеските производители. Тие имаат цел со производството во Европа да ги избегнат казнените царини на ЕУ, но од друга страна мора да се соочат со скапата работна сила и исто така со скапата енергија во Унијата.
Водена од десничарскиот премиер Виктор Орбан, Унгарија стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина. Во земјата воедно ќе се наоѓа и централата на БИД за Европа.
Турција долго време им служи како центар за поевтино производство на големите производители Тојота, Стелантис, Форд, Хјундаи и Рено.
Турската влада во март соопшти дека кинески Чери ќе вложи 1 милијарда долари во фабриката со годишна продукција од 200.000 возила.
БИД се шири брзо надвор од домашниот кинекски пазар, каде што се води жестока ценовна војна. Ројтерс во минатиот месец објави дека БИД забавил со ширењето во Кина, со скусување на работните смени во дел од своите фабрики и со одложување на плановите за додавање нови производствени ленти.
















