Во Холандскиот град Утрехт ќе се постави мрежа од 1.000 соларни полначи за струја и на граѓаните ќе им стои на располагање возен парк од 150 електрични Renault Zoe за изнајмување. Но, има уште многу други предности.
Renault како водечки производител на електрични автомобили во Европа потпиша писмо на намери со холандскиот град Утрехт за поставување на интелигентна мрежа од соларни полначи за струја за електрични возила. Планот е градот Утрехт да се искористи како средина за тестирање на проектот за соларни полначи. За таа цел, Renault ќе испорача возен парк од 150 електрични возила Zoe до следната година, партнерот ElaadNL ќе биде задолжен за менаџментот со мрежата, додека LomboXnet ќе ја гради самата мрежа од јавно достапни полначи за струја за електрични возила.
Во првата фаза од проектот ќе се постават 1.000 соларни полначи, коишто ќе се снабдуваат со струја произведена од 10.000 фотоволтаички колектори во регионот на Утрехт. Паралелно со тоа ќе се работи на организација на сервис за изнајмување на електричните автомобили за граѓаните на Утрехт. Renault Zoe веќе поседува систем за поврзување на интернет, што го прави соодветен за овој сервис којшто меѓу другото се базира и на користење на мобилни апликации.
Во втората фаза ќе се развие еколошки систем меѓу возилото и мрежата, со што ќе се овозможи енергијата во батериите на возилото да се користи по потреба и за струјно напојување на градската електрична мрежа во периодите кога е зголемена потрошувачката на струја. Ова ќе претставува појдовна точка за воспоставување на нов систем за чување на енергијата од обновливи извори. На тој начин би се намалила и емисијата на штетни материи од електраните што користат нееколошки ресурси.
















