за

Reboot Buggy: Оваа кола нема ништо, а има сé

Постојат возачи на кои не им се важни комфорот и поврзувањето на интернет во автомобилот. Стаклата, покривот, целата каросерија, исто така се вишок. Ова е автомобилот за нив.

Индустрискиот дизајнер Џој Рајтер од американската сојузна држава Мичиген е револтиран од новите автомобили: „Тие целосно излегоа од контрола. Во последните години ме фрустрира тоа што новите автомобили се преполни со гаџети, околу кои се навлекува огромна маркетиншка магија.“ Рајтер сака да го користи автомобилот само за возење. На крај, тој мораше да реагира. Неговата фирма работеше девет месеци на автомобил каков што досега не постоел: Reboot Buggy!

Рајтер: „Можеби звучи лудо, но самиот автомобил требаше да го одреди дизајнот. Reboot Buggy не е најкомфорниот начин да се стигне од А до Б. Но, ниту коњот не беше таков!“

Џој Рајтер не конструираше, туку деконструираше. Reboot Buggy има две врати и две седишта, поставени во рамка од алуминиумски и челични цевки – и тоа е сé. Моторот е вграден средишно, во типичен американски манир V8 со зафатнина од 6,2 литри и 470 КС. Моторот од Chevrolet го забрзува багито тешко 1.400 килограми до 220 километри на час. За преносот се користи тристепен автоматик. Долгите одови на пружините и тркалата со пречник од 40 инчи овозможуваат врвна теренска проодност.

За возилото се користени стандардни компоненти што лесно се наоѓаат во продажба. При дефект, тоа може да се сервисира во која било работилница. Рајтер сепак не планира да го произведува неговото Buggy во дополнителни примероци. Тоа ќе остане уникат. Затоа, пак, тимот на Рајтер сега работи на нов проект, на градско возило, според истите принципи како за Reboot Buggy. Во план е возилото да се произведува во серија – само доколку се најде производител што ќе прифати таква радикалност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Електричниот Nissan Leaf и натаму е најпродаван автомобил во Норвешка

Американците попрво ќе купат кола од Apple отколку од авто производителите