за

Триесет марки ја зголемиле продажбата на возила во февруари

Cupra и Land Rover, но и Maserati и Alfa Romeo, се меѓу триесетината марки што постигнале раст во продажбата во вториот месец од годината. Исто толку марки се соочиле со пад во продажбата.

Кај дваесет и три автомобилски марки, растот што го постигнале во продажбата во февруари, поголем е од просечниот раст на целиот пазар, а тој изнесува 12 проценти. Вкупно 35 марки во минатиот месец продале повеќе возила на европскиот пазар отколку во истиот месец лани.

Наспроти трите дузини марки што пријавиле раст во продажбата во минатиот месец, кај 25 автомобилски марки, трендот во февруари бил удолу. Тоа го покажуваат првичните податоци од консултантската куќа Dataforce.

Посебно ќе се израдуваат љубителите и сопствениците на италијанската марка Alfa Romeo, чијшто компактен СУВ-модел Tonale постигнал трицифрено зголемување во продажбата. Тоа им успеало само уште на марките на кинескиот Geely, на спортската марка Lotus и на електро-марката Lynk & Co.

Двоцифрен напредок имаат Maserati, Genesis, Cupra, Land Rover, Dacia, Aston Martin, Nissan и Tesla, вкупно 23 марки. Статистиката се потпира врз податоците што се доставени од 94 проценти од пазарот што го сочинуваат ЕУ, ЕФТА и Велика Британија.

Големиот раст кај британската традиционална марка Lotus се темели врз успехот на новиот спортски модел Emira. Во истиот концерн, кинескиот Geely, спаѓа и Lynk & CO, којашто сé повеќе го привлекува вниманието на европскиот пазар, иако засега го има во понуда само компактниот кросовер со ознака 01. Овој автомобил се нуди само со претплата, со сите трошоци вклучени во ратата, вклучувајќи регистрација или редовно сервисирање – тоа што се плаќа надвор од ратата е само горивото.

Lotus Emira

Новиот компактен СУВ на италијанската премиум марка Alfa Romeo требаше да се појави уште порано, меѓутоа стартот беше одложен поради пандемиајта. Тоа не му влијaеше на успехот на Tonale, којшто во февруари учествувал со 66 проценти во вкупната продажба на марката.

Луксузните и премиум марките, генерално, немаат проблеми во продажбата. Maserati постигна раст од 97 проценти со вкупно продадени 564 возила во март. Тоа се должи на новиот СУВ-модел од средната класа Grecale, на којшто отпаѓаат 78 проценти од продажбата на Maserati.

Големиот напредок кај подмарката на Seat, Cupra, доаѓа од големата побарувачка за компактниот електричен модел Born. Втората шпанска марка на концернот Volkswagen во февруари продала 10.265 возила или за 69% повеќе од истиот месец лани.

Отпорноста на скапите марки во овие вонредни времиња ја докажува уште подобро Land Rover, чијшто благороднички модел Range Rover ја зголемил продажбата за повеќе од 500 проценти. Британската марка продала вкупно 5.324 возила во февруари (+63%).

Романската марка Dacia постигна раст од 55 проценти, главно благодарение на големата побарувачка за моделот Sandero. Тој во првите два месеци е најпродаван модел на европскиот пазар.

Nissan е уште една марка во алијансата со Renault, што има двоцифрен раст во февруари. Од некогаш осамениот модел во сегментот, Qashqai, во минатиот месец се продале за 70% повеќе возила отколку во истиот месец лани Тоа ѝ донесе на марката вкупен раст во продажбата од 40 проценти.

Повеќе од двојното зголемување на продажбата на Model Y, придонесе и американскиот електро пионер Tesla во февруари да има продадено за 39% повеќе возила отколку лани.

Меѓу останатите марки со најголем раст во продажбата се Porsche (+33 проценти), Mazda (+30 проценти), Lamborghini (+27 проценти ) и VW (+23 проценти).

Точно една дузина марки исто така постигна раст во продажбата во вториот месец од годината, меѓутоа процентот на тој раст е под просекот за целиот пазар: Тоа се Renault (+11 проценти), Lexus (+7,1 проценти ) и Mercedes-Benz (+6,7 проценти).

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овој автомобил на Kia е електричниот брат на Sorento

ЕУ ѝ удоволува на Германија, ќе дозволи отстапка за е-горива