Aston Martin го претстави најекстремниот родстер во својата историја, како уникатно дело на специјалистичкото одделение што не случајно го носи „името“ на генијалниот изумител во служба на агентот 007. Кој е нарачателот, може само да се претпостави.
Одделението за специјални изработки на Aston Martin го произведе најекстремниот родстер во историјата на британската марка. Vantage GT12 Roadster е изработен врз основа на купето GT12, како уникат по нарачка на клиент, кој очигледно дека не само што е фан на серијалот за најпознатиот таен агент во светот, туку и доволно е платежно способен да се снабди со автомобил каков што инаку може да поседува само најпознатиот таен агент во светот, 007.
„Кју“ цели девет месеци работеше на Vantage GT12 Roadster, со шестлитарски V12 со 600 КС, како еден од ретките мотори од врвната класа кој уште не потпаднал на турбоманијата. За уникатниот родстер, моторот доби магнезиумски вшмукувачки гранки со сменета геометрија и издувен систем што по целата должина е изработен од титаниумска легура.
Вообичаено за Q, уникатниот родстер е лакиран во специјална боја и повеќето каросериски панели се заменети со карбон, со видлива структура
Повеќето каросериски панели кај GT12 Roadster се заменети со карбон, додека под школката работи модифицирано подвозје, за родстерот да ја постигнува истата динамика како купето. Сосема вообичаено за Q, родстерот е лакиран во уникатна боја, а исто и ентериерот е дотеран според желбите на клиентот.
Vantage GT12 Roadster е прв случај клиент да ги ангажира целосните дизајнерски и инженерски капацитети на одделението Q. Снабдувачот на службените автомобили за Џејмс Бонд првично имаше замисла одделението да работи на специјални бои и материјали според индивидуални желби на сопствениците на Aston Martin, но се покажа дека оваа мала група среќници секогаш располага со уште малку пари повеќе отколку што можат да претпостават во седиштето на компанијата, па списокот на услуги на Q се збогатуваше постојано, сé до овој екстремен родстер.
Aston Martin е најдобриот специјалист за микросериски проекти
Со овој чекор, Aston Martin уште еднаш се докажа дека моментно е најдобра адреса за обраќање, кога станува збор за екстремни нарачки или за микросериски проекти како One-77, Lagonda Taraf или Aston Martin Vulcan.
Цената? Стандардниот Vantage GT12 чини 250.000 фунти. Овој би требало да чини најмалку трипати повеќе, иако официјална потврда од Aston Martin нема да следува.
[FAG id=24933]


















